СДСМ имаше План за живот, и вети дека ќе се работи на здрава примарната здравствена заштита. Но, очигледно или не ја сфаќаат или не сакаат да ја сфатат. Примарната здрваствена заштита е во слободен пад, рече  на прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ, доктор Ленче Нелоска.

 Матичните лекари и стоматолозите добија најлоши предлог договори за наредните пет години од Фондот за здравствено осигурување, а со високите казни во договорите се доведува во прашање и нивното опстојување.

СДСМ, пак, ветуваше намалување на високите казни за матичните доктори, а сега гледаме дека излажа. Матичните доктори протестираа, но, прашање  е дали некој ги слуша, посочи НелоскаТаа потсети на ветувањата на СДСМ како покачување на капитациониот бод на матичните доктори на 90 денариукинување на квотите за рецепти и боледувања и слично. На пресот Нелоска информираше дека дополнително, годинава од две поликлиники во Скопје три матични доктори заминаа во пензија, а најдоцна до крајот на годинава заминува уште еден матичен лекар.

Значи дека околу десет илјади граѓани во Скопје ќе останат без матичен лекар. Здравствен дом Скопје не распишува тендер за концесионери како што предвидува Законот за здравствена заштита. Предвидлив е фактот дека до крајот на годината повеќе од 30 доктори  од примарното здравство низ цела Македонија ќе заминат во пензија, а околу 60 илјади граѓани ќе останат без матични лекари. Во повеќе градови низ Македонија многу ординации ќе останат празни. Ако се земе предвид дека просечната возраст кај матичните доктори е 57 години, очекувано е дополнително влошување на состојбата за 5 години кога може да се случи многу градови да останат без доктори во примарното здравство, рече Нелоска.

Според неа поради политиките на оваа криминална и однародена власт граѓаните нема кој да ги лечи, а лекарите и медицинските сестри заминуваат од државава. Оттука беа упатени прашања до министерот за здравство Венко Филипче.

 Министерот за здравство Венко Филипче и владата треба да дадат одговори на следните прашања: Дали во државава се потребни лекари? Знаат ли надлежните дека граѓаните остануваат без матични лекари?, праша Нелоска  заклучувајќи дека е јасно дека владата и министерството се без план за столбот на здравствениот систем, примарната здравствена заштита.