Директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев треба да се засрами од договорите кои им ги нуди на матичните стоматолози и докторите. Последното понижување на матичните доктори и стоматолози е најголемиот срам и дамка што ја фрла оваа влада врз здравството во Македонија.

Министерот за здравство, Венко Филипче како да не е министер за здравство како да е министер за лаги, манипулации на граѓаните и здравстените работници. Ден Дончев како директор на ФЗОМ последниот удар на здравството што го има зададено е врз матичните доктори и стоматолози, во врска со договорите помеѓу ФЗОМ и нивните ординации, во кои договори не обрнува воопшто внимание на нивните потреби или барања, како и да се најде соодветно решение за нивните забелешки. Овој договор кој го нуди Ден Дончев на докторите е најстрашниот договор кој некогаш го добиле матичните доктори и стоматолози до сега, со овој договор на истите им се посочува од страна на ФЗОМ или прифати го договорот или затвори ја ординацијата.

Ваквиот договор е крајно непрофесионален, некоректен и не придонесува за унапредување за здравството и на здравствената фела. На матичните стоматолози и доктори им се понудени најлоши услови за работа со ФЗОМ, каде со екстремната казнена политика се удира директно врз пациентите и граѓаните на Македонија.

СДСМ и Зоран Заев во изборната кампања ветуваа реформи во здравствениот систем во Македонија кои секој доктор посакуваше да бидат реалност, но реалноста која е резултат на нивното деструктивно владеење е спротивно на тоа што се ветуваше во кампањата. Само лаги и неспособност се одлика на СДСМ и нивното владеење во изминатиот период кое се рефлектира и на здравствениот систем во Македонија.

Се ветуваше зголемување на капитацискиот бод за секој пациент на матичните стоматолози од 40 на 70 денари, се нудеа основни стоматолошки пакети за секој матичен пациент. Се ветуваше и изнаоѓање решение за недостатокот на доктори, хиперпродукција на кадар, од неодамна се даде и ветување дека пациентите ќе може да се евидентираат на име на ординација, а не на име на доктор како што беше праксата до сега – посочи во својата прес конференција пред ФЗОМ Марија Андоновска од ВМРО ДПМНЕ.

Од сите овие ветувања граѓаните и пациентите не видоа ништо, сето ова е една голема лага, ги излажаа медицинските работници, ги излажаа граѓаните. Оваа власт е заинтересирана само за личен профит и богатење, за договори во четири очи.

Поради сето ова мора да се стави крај на оваа ненародна власт и на ова лошо водење на политиките на министерството за здравство како и на ФЗОМ – потврди и апелираше Марија Андоновска од ВМРО ДПМНЕ