Според информациите на порталот „Независен“ во Градската општа болница „8 Септември“ никако да почне терапијата со зрачење за лицата со малигни заболувања. Апаратот, односно акцелераторот за терапијата, е набавен пред повеќе од две години, а бункерот каде што треба да биде монтиран апаратот уште не е целосно изграден. Градежните активности се запрени речиси една година. Објектот не е поврзан ни со атмосферска канализација, ни со електрична инсталација.

Раководителот за техничка поддршка во болницата, Зоран Алексиќ, вели дека мината недела дошол претставник од проектната единица при Министерството за здравство за да види до каде е работата на бункерот, при што му укажале дека планираат да продолжи изградбата, ама не му кажале од кога.

„Што е планирано и каква ќе биде динамиката понатаму не знаеме, никој не кажува. Дојде на разговор претставник од проектната единица при Министерството за здравство, рече дека мислат да продолжат со активностите за проектот кој е на Министерството. Можно е да има некое поместување на работите, но кога не се знае. Никој не се појавил во објектот една година, така си стои. Објектот не е поврзан со атмосферска мрежа, нема ни поврзување со електрична инсталација. Му кажав на претставникот од Министерството каде може да се приклучиме на канализацијата. Повторно не дојде никој. Проблем е и што во стариот дел на болницата подрумските простории се полнат со вода кога врне, од отвори од каде што се носеше градежниот материјал. Две зими поминаа, ги викам да направат врата. Мрзне инсталацијата за парно греење, водоводните цевки. Имавме и хаварии на тие инсталации од мразот, ќе пукне цевка, па санирај, стававме најлони на отворите за да не влегува ладен воздух. Неколку пати пишував писма до проектната единица при Министерството за здравство да го решат проблемот. Просториите се полнат со вода и по 10 сантими“, истакна Алексиќ.

Кога ќе биде готов објектот и кога би се почнало со зрачење, не знае ниту директорот на Градската општа болница „8 Септември“, Кристијан Костов, кој укажа дека проектот е на Министерство за здравство.

Од проектната единица за реконструкција на јавни здравствени установи при Министерството за здравство, пак, велат дека на бункерот активно се работи, а застој имало поради отежнатите услови за работа. Акцелераторот е донесен во Македонија пред повеќе од две години, а од проектната единица додаваат дека се чува во магацин според упатствата.

Вкупниот договор, посочуваат од проектната единица, со анекс за дополнителни градежни работи изнесува 56.333.821 денари. Досега реализирани се 29.270.241 денари. Изведувач на градежните активности е фирмата „АК-инвест“ од Тетово.

Инаку камен-темелникот на бункерот беше поставен на крајот на октомври 2016 година и според најавите требаше да биде изграден за девет месеци, по што во него требаше да биде монтиран акцелераторот.