Здравствени проблеми на населението и хаотичната состојба на Дебарската депонија, која се наоѓа во близина на патот Дебар – граничен премин „Блато“, на македонско – албанската граница ги гуши дебарчани, бидејќи многу често несовесни граѓани палат смет. Чадот и миризбата се главните виновници за пречките кај граѓаните. Во Јавното комунално претпријатие „Стандард“, кое стопанисува со депонијата и ја одржува јавната хигиена во градот, признаваат дека депонијата ја загадува животната средина, но притоа објаснуваат дека се немоќни да го решат проблемот.

„Во Дебар депонијата се пали од луѓе. Тоа создава големи проблеми. Клучен проблем е немањето од наша страна на потребна машинерија со која би се одржувала депонијата. Исто така треба да не се дозволи палење на депонијата, бидејќи потоа таа тешко се гаси. Ние имаме расправано за овој проблем и со локалната власт. Без да се обезбеди потребна машинерија, таа тешко се одржува. 

„Проблемот со депонијата во Дебар е голем. За овој проблем расправаше и Советот на општината. Се договоривме да се воспостави 24-часовна чуварска служба за да се спречи палењето, бидејќи тоа лошо делува кон здравјето на луѓето. Друг проблем е и немањето на мерна станица за загаденоста на воздухот. Дебар треба да го има тоа“, велат упатените во овој проблем.

Локалната власт и јавното комунално претпријатие се обидуваат да изнајдат средства за да се реши проблемот, но додека се надмине проблемот, жителите на Дебар останува да се гушат од чадот на депонијата. Тоа што се нема мерна станица за да се знае колку и на кој начин се трујат граѓаните на Дебар, не е проблем за оваа власт, за лидерите, за градоначалникот. Тоа најверојатно според нив е проблем на некого друг. На тие што се гушат, очигледно!