Министерството за здравство остро ги демантира написите во кои стои дека министерот Филипче, наводно „насила ги натерал студентите да го чистат Клинички центар, место да одат на час“.

Продеканот за настава на медицинскиот факултет во Скопје, Бети Зафирова – Ивановска ни го посочи преку мејл следното:

-Должни сме на јавноста да и објасниме дека согласно студиската програма на општа медицина, како задолжителен е предметот Спорт и здравје, чиј одговорен наставник е професор од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Часовите по овој предмет, на барање на студентите, а согласно распоредот и бројот на часови се одржуваат во саботите. Основна цел на овој предмет, утврдена во предметната програма, е задоволување на потребата за движење, оспособување на студентот за рационално користење на слободното време и подобрување на квалитетот на живот. Генерации наназад, студентите по медицина биле учесници на еко акции на кејот на реката Вардар, планината Водно, рекреативен центар Матка и други места, и тогаш кога овој предмет не беше задолжителен, туку изборен.

Оваа година, планираната еко акција на кејот на реката Вардар, а во рамки на предметот Спорт и здравје, на барање на дел од студентите, а со цел одбележување на Светскиот ден на волонтерите, наместо на кејот се испланира да биде во кругот на Клинички центар “ Мајка Тереза “. Студентите ова барање го образложија со фактот дека поголемиот дел од времето го поминуваат во кругот на Клиничкиот центар. За оваа активност беше информирано Министерството за Здравство, и беше поканет и министерот доц. д-р Венко Филипче.