Од неофицијални извори и од разговори со неколку вработени во депонијата Дрисла, дознавме дека во рамките на ова компанија за справување со отпад, отпадот не се ракува и уништува правилно. Од вработени кои од страв не сакаа да говорат пред нашата камера посочија дека оџакот кој е направен во склоп на горилницата каде се уништува медицинскиот отпад, првично нема никаков филтер, второ поголемиот дел од времето не работи и кога работи загадувањето на воздухот е енормно зголемено. Доколку треба да се направи мерење на загаденоста на воздухот во рамките на депонијата, во тој случај се забранува воопшто да се пали печката за согорување на медицински отпад.

Од друга страна од упатените и секојдневно присутни во работните активности на депонијата Дрисла посочуваат и една многу страшна информација, која се разбира е неофицијална, а тоа е дека во моменти кога печката не работи, не може или не смее да работи, медицинскиот отпад со кој се ракува тука во депонијата се третира како обичен отпад, нема никакви посебни процедури запазено за негово отстранување, уништување или ракување, туку едноставно како и другиот отпад се става во земја и се закопува, се третира како обично ѓубре.

Ако се вратиме наназад може да се види дека последните мерења за колку загадува депонијата Дрисла се направени во декември 2017-та година. Според Дијана Велјановска, шеф на Кабинетот на директорот Горан Ангелов, мерењата се скапи и не може да се прават често. Тоа е причината поради која населението кое живее во близина на депонијата Дрисла како и сите Скопјани се изложени на опасност од загадување со токсични испарувања од реагенси, како и од пареите на биолошките и патолошките реагенси и матријали кои се специфични за ракување, преработка и отстранување – посочуваат упатените кои ги пратат овие случувања.

Владата, како и локалната самоуправа од СДСМ која дојде на власт промовирајќи и продавајќи ги своите мерки и начела за подобра животна средина на граѓаните сега истата посочува дека нема доволно средства да се извршат мерења на квалитетот на воздухот и загаденоста!?

-„Мерењата ги прави ФИНКИ и ние не сме во можност постојано да плаќаме за да се извршуваат овие мерења. Согорувањето е контролирано и се почитуваат востановените стандарди“, вели Велјановска.

Граѓаните во блиските населени места до скопската депонија „Дрисла“ реагираат дека постојано се чувствува енормната загаденост, мирис на чад од најразлични материи што согоруваат во печките на депонијата. Оваа состојба се влошува во вечерните часови.

Реакциите по социјалните мрежи не стивнуваат, оваа власт пробува своите таканаречени мерки за подобра животна средина иако се неуспешни да ги продаде како триумфални, а од друга страна помеѓу вработените во депонијата Дрисла, помеѓу малку упатените во начините на функционирање на локалната самоуправа и градскиот татко се шпекулира дека во Дрисла оџакот за согорување на медицински матријал е направен и чинел илјадници евра, исто така и набавката на филтерот, кој воопшто го нема.

Дали овие наводни сомневања се вистина или се само злобни муабети останува да ги потврди или демантира директорот на депонијата Дрисла, г-нот Горан Ангелов, градскиот татко г-нот Петре Шилегов, со тоа што ќе го покажат на јавноста и на медиумите филтерот, постапката за справување со медицински отпад и додека работи печката за согорување на медицински отпад ФИНКИ да направи мерење пред очите на јавноста за квалитетот на воздухот во овој дел од Скопје. – ова се некои од предлозите по социјалните мрежи на кои наидовме.

Само така и на тој начин, јавноста и граѓаните ќе бидат задоволни и ќе поверуват дека оваа власт на оние места каде што може да реагира и да го подобри квалитетот на воздухот навистина го прави тоа, во спротивно сите муабети и ветувања за поквалитетен воздух, подобра и поздрава животна средина се само ПРАЗНИ муабети!