Лекари и медицински сестри и натаму масовно ја напуштаат Македонија. Оддели на клиниките се затвораат, бидејќи нема кој да работи. Педијатри ни за лек. Токму недостатокот од кадар го затвори единствениот ургентен центар за деца во државата. Веќе три години центарот на клиниката за детски болести во Скопје не работи. Aмбулантите се префрлени до специјалистичките ординации. Децата со тешки заболувања се мешаат со децата со грип. Но, тоа според раководството на клиниката не претставува проблем во лекувањето на пациентите.

„Ако поминете низ субспецијалистичкиот дел ќе видите дека нема голема фреквенција. Сепак „Мој термин“ функционира, значи децата кои доаѓаат на консултации во другите амбуланти си доаѓаат во закажаниот термин, нема многу големо мешање, така што не е голем проблем за згрижување. И претходно така сме функционирале.“ – вели д-р Катарина Ставриќ, директор на клиниката за детски болести.

„Очигледно дека сериозниот недостаток на кадар заради политиките што биле спроведувани сите овие години резултира со тоа ние сега да имаме сериозен дефицит. Веќе почнавме да го надополнуваме бројот на вработени. Имаме проблем со бројот на специјализации заради недостаток на ментори, така да насекаде низ Македонија вработени се огромен број на доктори и медицински сестри и бројката е од почетокот на годинава околу 2.300“. – вели министерот Филиче.

Ургентниот центар на клиниката за детски болести беше отворен во 2013та година и работеше само две години. Додека беше во функција се третираа и по 10тина деца дневно. Неодамна, малку недостасуваше да се затвори и одделот за хематологија, поради тоа што медициските сестри не можеа да постигнат со работа и работеа на повеќе оддели истовремено. Последиците од масовното ислеување на медицинскиот кадар веќе почна да ги трпи здравствениот систем. Цели одделенија беа затворени и лани во ГОБ „Осми септември“, а уште поалармантно е во помалите градови и општини кои исто така останаа без матични лекари и специјалисти.

 

Наместо министерот Филипче да ја бара вината каде е и цело време да се збори дека некој друг е виновен, треба да се зафати со работа и да почне да министерува, што значи да наоѓа решенија каде што има проблеми. Што направи тој како министер за да го намали трендот на иселување на медицинскиот персонал, да не си заминуаат докторите, да остане персоналот? Каде е министерот да посочи зошто специјализантите од септември немаат земено надокнада? Каде е Филипче да каже на јавноста зошто се приватизираат државните клиники?

Наместо да се решават реални проблеми, министерот ја префрла вината. Треба дела, не празни муабети – се дел од коментарите по социјалните мрежи.