И по ветувањето на министерот за здравство, Филипче и Заев дека ќе нема економски директори по болниците, не само што не се исполни ветувањето туку се избраа и по партиски клуч.

По случката што се случи изминатата недела кога имаше престрелка во Чаир, беше нападнат економскиот директор на Државната клиника за гинекологија, Ваљон Беља. Тројцата приведени веќе беа однесени на распит во Кривичниот суд, по што беа ослободени под услов да не му се приближуваат на кадарот на ДУИ, кој доби два куршума во нозете. Причините за престрелката и натаму се истражуваат, но ниту од полицијата ниту од неговата матична партија нема потврда дали станува збор за пресметка со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, имајќи ги предвид долгогодишните недоразбирања меѓу нив двајца.

Според информации на „Независен“ поголема е дилемата е како е можно човек со такво минато во кое, меѓу другото, има и кривична пријава за загрозување на безбедноста, да раководи со државна функција за која, патем, и нема квалификации?

А не само платата, проблематична е самата позиција на Беља, но и на петнаесетина негови колеги што во моментов ја држат. Економските директори воопшто не ја исполнуваат задачата – расчистување на долговите во клиниките, придонесување за подобри услови за работење на здравствените работници и подобар третман на пациентите. Напротив, тие се дополнителен финансиски трошок и алатка за политичко поткусурување на партиите.

„Проблемот со непланското трошење пари во здравството не е само кај економските директори. Можеби тие најлесно паѓаат во очите на јавноста затоа што земаат плата од 90.000 денари, што е повеќе отколку што им следува на докторите специјалисти. Тие имаат менаџерски договори и се врзани со медицинските директори. Всушност, се условуваат еден со друг, за каква било одлука мора да има потпис од двајцата директори. Ако едниот не сака – може да го уценува другиот и затоа е плодна почва за пазарење меѓу политичките партнери. Не заборавајте дека се влијателни и при склучување договори и добивање тендери. Освен нив, секоја клиника, а ги има 32 на број, има свој управен одбор со шест-седум члена. За секоја седница што ќе ја одржат наплаќаат по осум илјади денари поединечно. Пресметајте колку пари се трошат на администрација“, велат здравствените работници што ги контактиравме.

Според информациите, и медицински и економски директор во моментов има на Клиниката за детски клиники (Ридван Ибраими), Ревматологија (Хисен Амети), Институтот за белодробни заболувања во Козле (Ријад Алими), Институтот за трансфузиона медицина (Авли Исмаили), Здравствен дом (Бесим Кока), Болницата „Свети Наум Охридски“ (Нермин Шакири)…

Економските директори беа воведени пред 12 години. Тогаш втор менаџер добија сите клиники, институти и болници со над 1.000 вработени.