Откако излезе веста дека Скопје е еден од петте најзагадени градови во светот, ги вознемири пулмолозите, кои нагласија дека ова ќе доведе до алармантно зголемување на бројот на заболени од карцином на бели дробови.

Но алармот во Република Македонија се вклучува, според одредените анализи секое второ дете страда од респираторни болести. Загадениот воздух е причина за кардиоваскуларни болести, зголемена смртност кај децата, предвремено раѓање или генетски мутации на плодот.

И наместо здравјето на детето и правото на чист воздух да биде приоритет, власта и Филипче се занимаваат со се и сешто, но најмалку со правата на децата.

-Во Македонија се случува ЕКОЦИД. Парламентот како централна власт треба да спроведуваат закони кои ќе ги унапредуваат правата на децата. Здравјето на децата треба да биде приоритет и високите дозволени канцерогени честички ПМ 10 и 2, 5 честички треба да се намалат според европските стандарди во законодавството и Европската Унија на дозволени 40. Тоа е многу важно затоа што правото на живот на детето е доведено во прашање, кое е загарантирано и со Устав и со Конвенцијата за правата на детето, вели Драги Змијанац од Првата детска амбасада Меѓаши.

Според  доктор Камелија Бушљетиќ  се зголемува бројот на заболени од канцер на белите дробови, од хроничната белодробна опструктивна болест, од мозочните удари, од кардиоваскуларните болести, како и од респираторните акутни инфекции. Над 2.500 луѓе умираат годишно во Македонија како последица на заболувањата што ги предизвикува аерозагадувањето. Ние може да имаме генетски предиспозиции за одредена болест, но тие нема да се манифестираат без поттикнување на фактори од надворешната средина. А еден од главните е аерозагадувањето!

Додека пак пулмологот, Оливер Јовковски вели дека симптомите како надразителната кашлица, непријатниот мирис, дразбите, чешањето, печењето на носот и очите се дел од потешкотиите што ги предизвикува загадувањето.

„Загадувањето има големо влијание во настанокот на повеќе заболувања. Исто така, и развојот на алергиските заболувања, како асма и алергискиот ринит, се условени од загадувањето. Тие почнуваат поинтензивно да се појавуваат како патологија по индустриската револуција, а претходно не биле премногу познати. Основните потешкотии што ги предизивкува загадувањето, особено во некои сезонски условени ситуации, се надразителна кашлица, непријатен мирис, дразба, чешање, печење на носот и очите, сува или влажна кашлица и зголемена секреција на дишните патишта“, смета доктор Јовковски.

Граничните вредности кои се најстрогите правила во законодавството на Европската унија дефинираат дека дневната граница на присутност на ПМ10 не смеат да бидат над 40 микрограми на метаркубен. Состојбата во земјава во која се случува два дена последователно  да е над 75 микрограми на метар кубен е алармантна. Според податоците на Институтот за јавно здравје годишно во Македонија умираат 1.600 луѓе како последица на загадувањето.