Ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем – порачаа од Министерството за образование во април минатата година. Тогашната министерка за образование Рената Дескоска, сега актуелен министар за правда истакна дека вакцината не може да биде услов за упис во градинка и училиште. Тогаш излегоа со порака до здравствените власти – да најдат други механизми со кои ќе ги едуцираат родителите и ќе го зголемат опфатот на имунизација.

– Во Уставот на Република Македонија, е наведено дека основното образование е задолжително. Ова значи дека ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем. Потребни се мерки и кампањи од едукативен карактер за придобивките од вакцинацијата, советувања за родителите кои не ги вакцинираат своите деца, но и санкции, истакнаа од Министерството за образование во април минатата година.

Сега повторно се актуелизира проблемот со имунизацијата, откако беше воведена епидемија на морбили на територијата на Град Скопје. Во градинките се примаат само вакцинирани деца, а во Скопје се спроведува масовна имунизација на деца против морбили. Само во шест дена од прогласувањето на епидемијата, во Скопје се вакцинирале нешто повеќе од 1300 деца.

Министерот Венко Филипче вели дека непримањето деца во градинка е времена мерка согласно законот за заштита на населението од заразни болести и се препорачува кога има епидемија. Кога нема епидемија важат законските прописи кои во овој момент велат дека согласно правилникот за имунизација секое дете за да биде примено во градинка или во училиште мора да даде потврда дека е вакцинирано.

Доколку нема таква потврда или доколку родителот одбие вакцинација тогаш може Државниот санитарен и здравствен инспекторат да преземе постапка против родителите и е предвидена казна од 300 до 650 евра заради тоа што не сакаат да го вакцинираат своето дете. Сметам дека вака како што е сега законот е апсолутно недоволно строг на некој начин што всушност ова што сега ни се случува и го докажува сето тоа.

Сметам дека треба да преземеме искуство од други земји кај што имаше вакви сценарија како што се Франција, Италија, Финска, Германија и во опкружувањето Србија и Романија. Разговаравме со Израел кои исто така го имаат овој проблем. Тие вовеле задолжителна имунизација, а во градинка или училиште може да се запише дете кое е вакцинирано“, вели Филипче.

Зошто за сите други вакцини родителите ги носат редовно децата на вакцина, само за МРП вакцината некако се поинакви работите. Може ли да се објасни министре? Не секојпат да се наоѓа вина само кај друг, а од друга страна кога се споменуваат други земји и начинот на вакцинирање, зошто не се земе пример од земји како Финска и 14-ет останати земји во Европа кои немаат строга или присилна политика на вакцинации како што планирате да воведете вие г-не Филипче, а сепак имаат резултати приближни или исти како земјите кои вие ги споменувате. Зошто мора вакцинацијата да биде присилна, не постојат ли други алтернативи, како кампањи, информирање на граѓаните, уште малку кампањи и се така додека не се добијат подобри резултати. – се предлози од родителите по социјалните мрежи

Но, тоа не ви оди во прилог зошто треба време и средства да се вложат, а вие можеби ќе сте министер уште една година и потоа што правиме? Ако сега не се „нафатирате“ додека сте министер неможе после откако ќе ве тргнат од позицијата. – доста се коментира и се прашува министерот по социјалните мрежи од родители, граѓани, пациенти, само што одговорите не стасуваат, ги нема!

Нема потреба македонските граѓани/родители и нивните деца да ги доведувате до степен на присилна вакцинација како во земји како Пакистан, ние нема да седиме и немо да го гледаме тоа. – му порачаа родителите на министерот за здравство.