Секојдневно слушаме за енормното загадување во Скопје, единствената работа во која државата ги урна сите рекорди. Властите, наместо мерки, со препораки да не се излегува надвор, а доколку се излезе да се користи маска, што го повлече и прашањето каква маска треба да купиме и дали постои таква на нашиот пазар што е соодветна на степенот на загадување што го имаме?

Креаторот на „Мој Воздух“, Горјан Јовановски, вели дека доколку маската која е во продажба нема сертификат, не е соодветна за користење. Во продолжение ги наброја сите сертификати на кои треба да внимаваат граѓаните при купување на маска против загадувањето.

-Кога ќе појдете во аптека или онлајн да барате маска против загадувањето многу е битно да истражите каква сертификација има самата маска. Доколку нема сертификат, таа не е квалитетна и не е наменета за употреба во вакви загадени средини како во зима во Македонија. Доколку има сертификат многу е важно да дознаете каков е тој серитфикат. Има повеќе сертификати но најважните се: N95, посилната N99 и нјасилната N100. А соодветно европскиот начин на сертифицирање на истите маски се FFP1, посилната FFP2 и најсилната FFP3, колку што е поголем бројот, значи 95, 99, 100 или 1, 2, 3 толку подобро заштитува маската надвор.

Министерот за здравство, Венко Филипче, неодамна збореше за неговото ветување дека ќе се набават маски против загадениот воздух за хронично болните, кои се уште не се доделени, а тој спомена да министерството има дадено препорака, па уште еднаш вети дека тоа ќе биде испорачано.