Во штипската Клиничка болница само еден лекар специјалист врши колонскопски прегледи. Директорот на Клиничка болница-Штип Ален Ѓеорѓијев рече дека станува збор за проблем кој во наредниот период треба да се надмине.

–Проблем е недостигот на кадар. Имаме само еден лекар коj ги врши овие прегледи. Во тек на преговори сме со Клиниката за гастроентерохепатологија за лекари оттаму да доаѓаат неколку дена во неделата во Штип, рече Ѓеорѓијев.

Тој додаде дека нивното барање е веќе доставено за да доаѓаат лекари од Клинички центар-Скопје, кои ќе ги вршат ваквите прегледи во штипската Клиничка болница. Сите апарати во болницата се во функција, а оние кои имаат дефекти веднаш се санираат, со што не се дозволува пациентите да чекаат на прегледи или да одат во други болници.