Крахирање на здравствениот систем со новиот начин на издавање на упати преку Мој термин. Новината која стартуваше од денеска предизвика револт и кај лекарите и кај пациентите. Матичните обвинуваат дека не можат да функционираат и од изутрина многу пациенти останале без здравствена услуга.

Болни со саати чекаат во ординациите за на крај приватно да платат за лабораториски анализи. Хаос е и во клиниките каде специјалисти ги враќаат пациентите бидејќи не можат да им креираат упати за дополнителни дијагностички процедури.

-Од сабајле звонат матични лекари од државата, не можат да функционираат, не можат да искреираат упат за лабораторија, за боледување за еден ден, пациентите нервозни и на крај револтот го исфрлаат врз нас лекарите, вели др. Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПРЛМ.

Пациентите реагираат дека поради новото системско решение не можат да добијат соодветен лекарски преглед.

Лекарите реагираат зошто надлежните не ги консултирале и не направиле прво пробно тестирање за креирањето на новите упати. Бараат од Мој термин да работат и трета смена ако треба и да ги решат сите технички пречки кои денеска направиле хаос во здравството.