Нула, катастрофа, хаос и разочарувачко. Со овие зборови граѓаните го опишуваат Здравството во Македонија. Тие велат дека чекањето за лекарски преглед трае неколку месеци. Постарите лица стравуваат дека додека да дојдат на ред за преглед, ќе починат.

За разлика од граѓаните, Јагода Шахпаска, од Здравствената комисија на СДСМ, вели дека со измените во системскиот „Мој Термин“ ќе се олесни работата на здравствените работници.

СДСМ претходно го критикуваше електронскиот здравствен систем „Мој Термин“. Како опозиција тие побараа да се стопира “Мој Термин“ и велеа дека овој систем им предизвикува проблеми на граѓаните.

„Мој Термин“  не беше стопиран, туку претрпе неколку измени. Наместо приоритетниот упат, сега има “Итен 24“ и “Без термин“.

Според Управата за електронско здравство, приоритетните упати биле злоупотребувани од пациентите и поради тоа се укинати. Според раководителката на управата, Жаклина Чагоровска, постојат сомнежи дека се злоупотребуваат и новите упати, поради тоа што пред неколку дена лекарите издале 5 илјади упати од „Итен24“ и „Без термин“.

За измените на системот „Мој термин“ реагираше и Здружението на млади лекари. Според Лилјана Чолакова, новините требало претходно да се тестираат. Секогаш кога има новина, прво треба да се тестираат во 10 амбуланти и 10 софтвери, а потоа да се ставаат во функција, вели Чолакова.