Нема ленти за мерење на шеќерот во крвта. Ситуацијата е критична неколку месеци, па луѓето со дијабетес  се принудени сами да се снаоѓаат. Во здруженијата на дијабетичари низ државата велат дека најлошо е кај децата и луѓето кои имаат дијабетес од тип 1. Од таму велат дека во тие аптеки што можат да се најдат ги преполовуваат количините кои им следуваат, а некои градови се оставени без ленти и игли.

„Во Скопје нема, но и не толку критично бидејќи се наоѓаат стари залихи. Така минатиот месец кога бев да земам ленти за мојот син, наместо 5 кутии кои му следуваат добив само 3. Но, во другите градови во внатрешноста е многу критично. Пред  десетина дена и пратив по карго на една девојка од Крива Паланка која останала без ленти, се снајдов, собрав тоа што имав“, изјави, Наташа Деспотовска Димитриевска од здружението „Баланс МК“.

Луѓето се снаоѓаат преку социјалните мрежи, си разменуваат или си позајмуваат меѓу себе.

Една кутија со квалитетни ленти, на приватно чини 1000 денари. Тие за дете со дијабетес тип 1 се доволни за една недела. Дијабетичарите велат дека не само што ги нема туку е спорен и квалитетот на лентите неколку години наназад.

Во Велес ленти за мерење на шеќерот во крвта нема цели 8 месеци. Нема и игли за пенкалата со инсулин , а тие малку ако ги добијат се неквалитетни, вели Димче Велев од  здружението „Шеќерче- Лилипоп“.

„Се снаоѓаме со донации, луѓето си разменуваат меѓу себе,  нема што друго да правиме. Осум месеци нема ленти, нема ниту игли. Со едно пенкало даваат една игла наместо три. Иглите се неквалитетни се виткаат, се кршат“, рече Димче Велев.

Во Велес  има 6500 дијабетичари од кои 1200 се на инсулинска терапија. Од нив 11 се деца. Пациентите одамна се жалат на лошиот квалитет на глукомерите(апаратите) и на лентите за мерење на шеќерот.   Тие се жалат дека глукомерите не мерат точно, што може да биде фатално при дозирање на терапијата.

Покрај ова, децата со дијабетес тип 1 се уште ги чекаат новите иновативни инсулини за подобра контрола на шеќерот. Во здруженијата велат тендерот поминал во декември, потпишани се договорите со дистрибутерите, а  причината за доцнењето е административна .

„ Проблемот е во тоа што треба да се стават во Мој термин за можат лекарите да ги препишуваат“, велат во здруженијата на дијабетичари.

Од Министерството за здравство пак, велат дека согласно Програмата во сите јавно здравствени установи се дистрибуирани доволно количини ленти за мерење на шеќер во крвта.

„До овој момент, до Министерството не се обратила ниту една установа со информација дека има недостиг на вакви ленти. Дополнително, во рамки на системот Мој Термин функционира посебен софтвер, во кој во реално време се следи потрошувачката и снабдувањето со инсулин и ленти за мерење шеќер во сите установи во државата. Оттука, повторно потенцираме дека не е констатиран недостиг од ленти во ниту една установа“, тврдат во Министерството за здравство.

Од таму велат дека иновативните лекови за дијабетес се обезбедени и во моментот се вршат софтверски промени во системот за нивно внесување на листата, по што ќе бидат достапни.