Црвениот Крст одбележа во текот на вчерашниот ден 74 години од постоењето и неговото формирање. Крводарителството е волонтерско, но и анонимно. Така што ние никогаш не знаеме кому му треба и кому ќе ја дадат крвта, во тоа е и убавото во волонтерството. Убаво е чувството кога треба да организирате акции, јас и организирам крводарителски акции кога треба крв за одредена личност и има крвна група која е многу ретка и кога ќе се потрудиме да најдеме такви личности и веднаш ќе отидат во трасфузиологија да ја даруваат својата течност, вели Стевковски.

Радува и фактот дека голем број млади луѓе се повеќе се пријавуваат за волонтери.

За време на мигрантската криза имаше големи активности на јужната граница, се работеше активно година и нешто, ако не и две години. Активно сме вклучени сеуште на таа граница со давање на прва помош, вели волонтерката Наталија Крстевска.

Благодарение на заложбите на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина денес можеме да кажеме дека постои висока свест и информираност за крводарителство, велат надлежните институции.

Што значи дека Македонија, односно благодарение на овие заеднички напори, не се соочува со недостаток на крв и крвни продукти или како што ние секогаш истакнуваме и најважно како наш приоритет е дека „Крвта секогаш треба да го чека пациентот, а никогаш да не биде обратно, вели Александра Валкановска од Црвен крст на Град Скопје.

Последниве десетина години и немаме проблем со крводарувањето во Р. Македонија, одлична соработка со Црвениот крст и верувам дека и понатаму ќе продолжиме на оваа патека, рече д-р Горан Андонов, раководител на оддел за планирање, организација и реализација на крводарителство.

Денес Црвениот крст кај нас брои 6 до 7.000 волонтери. На ниво на глобално движење во светски рамки бројката е 14 милиони волонтери. Секој кој сака да си го најде своето место во Црвениот крст и има доволно време и желба може да се јави и да волонтира, бидејќи чувството да помогнете некому е нешто на кое за жал многумина забораваат во ова брзо темпо на живеење.