Нова приватизација на јавното здравство – инструментите за операција во државните болници ќе ги одржува приватна фирма. Одлуката е донесена откако Владата и Министерството преку физибилити студија утврдиле дека во овој сектор има простор за јавно – приватно партнерство. Веќе е завршен и техничкиот дијалог.

Економскиот оператор, за кој надлежните велат дека ќе бил избран во транспарентна постапка, за две години ќе треба да вложи 16 милиони евра. 5,8 милиони во првата година, а останатите во втората година од работењето. Приватниот партнер ќе стопанисува со четирите регионални центри во период од 15 години. Негова задача ќе биде да обезбеди стерилни хируршки инструменти и редовно да ги одржува. Контрола ќе му врши надлежното министерство. Целта како што велат надлежните е да се намали стапката на болнички инфекции и да се обезбеди поквалитетна услуга за пациентите.

За да се задржи квалитетот на здравствените услуги и да се избегнат несакани последици по здравјето на пациентите одржувањето на инструментите за операција мора да биде на највисоко ниво. Токму стерилизацијата ги уништува сите вируси и бактерии и спречува ширење на сериозни инфекции во болнички услови, како што се ХИВ и Хепатит. Оттука се поставува прашањето дали приватната фирма која ќе го добие тендерот би штедела во процесот на одржување со цел да дојде до полесна и побрза заработка?

Ова не прв пат да се спомене концептот на јавно – приватно партнерство во јавното здравство. Министерот Венко Филипче најави воведување кај Итната помош и домашната посета, но за тоа се чека оправданост од физибилити студијата чија изработка е во тек. Филипче пред два дена спомена дека по примерот на други развиени земји, јавното – приватно партнерство веројатно ќе се воведе и кај други здравствени установи во државата. Детската кардиохирургија веќе е приватизирана – операциите кај децата наместо на Клинички сега се изведуваат во болницата на доктор Жан Митрев.