Месецов официјално е регистрирано и почна со работа Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС.

Од здружението велат дека идејата за формирањето се јавила како резултат на реалната состојба во која се наоѓаат лицата со мултипла склероза (МС) во нашата земја.

„Алармантната состојба на зголемениот број новодијагностицирани лица со МС (80-ина пациенти годишно) и намалувањето на старосната граница придонесоа во фокусот на нашите заложби и активности да бидат подигнување на јавната свест, едукација, афирмација на потребите и сериозен пристап во навремена дијагностика, поголема достапност на иновативни, високоефикасни лекови, ран и адекватен и современ третман следејќи ги светските насоки/водичи за МС. Националното здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите на лицата со мултипла склероза (МС), како и вршење дејности и активности со цел актуализирање на нивните потреби следејќи ги искуствата од други земји, но во согласност и почитувајќи ги состојбите во нашиот правен, социјален и здравствен систем“, истакнуваат од здружението.

Мултипла склероза е хронична, прогресивна, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем, каде што настанува оштетување на обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, што води до прекин на невротрансмисијата, дегенерација и траен инвалидитет.