Со пуштањето сини балони  и со сложувалка на боите на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп, учениците, наставниците, со поддршка на локалната самоуправа го одбележаа 2 Април, Светскиот ден на лицата со аутизам. 

Според дефектологот од прилепското основно училиште „Климент Охридски“ Светлана Миоковиќ-Томеска постојано се зголемува бројот на лицата со аутизам, но причините се уште не се дефинирани.

-Бројката на децата со аутизам од ден на ден се повеќе расте. Последниот податок е дека има едно дете со аутизам на 34 деца од машки пол и едно на 105 женски деца. Очигледно, зачестеноста на аутизмот е поголема кај машките деца. Причините се различни и конкретно сѐ уште не е дефинирано зошто! Целта на оваа кампања не е само да ја подигнеме јавната свест, туку и да го поттикнеме вклучувањето на овие деца не само во образовниот процес, туку и во секојдневниот живот, изјави Миоковиќ-Томеска.

Лицата со аутизам не се многу различни од другите, само во секојдневието им се потребни повеќе внимание, љубов и посветеност, вели Наташа Колеска, мајка на 13 годишно дете со аутизам, која се бори против секаква дискриминација. Вели дека нејзиниот син е многу прифатен.

-Мојот син Ѓорѓи Колески има 13 години и е со аутизам. Состојбата на лицата со аутизам не е толку страшна како што се прикажува. Секојдневието е исто, но со многу повеќе напори за да се постигнат резултатите.

Треба да се зголеми свесноста, треба да се посвети внимание и лицата со аутизам да се вклучат во секојдневното живеење-апелираат родителите