Владата на последната седница донесе конечно решение да се почне со изградба на новиот универзитетски клинички центар. Таа го задолжи Министерството за финансии во соработка со Министерството за здравство да изготват барање за изразување интерес за заем до финансиските институции и меѓународните банки за финансирање на изградбата на новиот клинички центар. Физибилити-студијата и сите други подготвителни работи околу земјиштето сè уште се изработува од австриската агенција за здравство АХАСЕ, а е во согласност со меморандумот за соработка што го имаат потпишано австриското Министерство за техника и иновација и нашето Министерството за здравство. Студијата е бесплатна техничка помош, ќе биде готова крајот на мај, тогаш ќе се знае и точната финансиска конструкција, односно колкав ќе биде заемот за изградба на новиот клиники.

„Физибилити-студијата ќе биде завршена крајот на мај и тогаш ќе ја знаеме точната финансиска конструкција која што може да претрпи измени, но почетната ќе ја знаеме крајот на мај. Две недели порано го иницираме процесот со цел да се провери можноста и интересот за добивање на заем за изградба на новиот клинички центар. Сакаме да ги започнеме процесите и да бидеме подготвени целиот процес да се одвива според зацртаната динамика. Тоа значи дека во моментов ќе го провериме интересот за финансирање, кон крајот на мај ќе ја објавиме и бројката. Доколку се задржи предвидената динамика, можно е да се стават темелите на новиот клинички центар“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Постапките за изработка на проект и изградба на објектот сепак ќе одат одвоено, иако за изградбата на новиот клинички центар се водеа разговори и во Владата и во Министерство за финансии за законски измени и дали може да се изведе таков пакет согласно Законот за јавни набавки со цел да се овозможи да биде објавен еден тендер кој ќе вклучува еден пакет.

„Разговаравме и за жал еден дел од тој концепт не беше возможен во сегашните закони, така што постапките ќе одат одвоено и ќе се ќе се бараат финансиски средства согласно Законот за задолжување. Ние после тоа ќе продолжиме со распишување тендер за проектот и изведбата на клиничкиот центар. Тешко е точно да се предвиди кога може да очекуваме да се распише тендерот, меѓутоа имаме причина да веруваме дека до крајот на оваа година ќе ги ставиме темелите на новиот клинички центар“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Иако трендот на заминување на нашите лекари на работа во странство не опаѓа, од Владата се уверени дека со изградбата на клиничкиот ќе се создадат услови да се задржат здравствените работници, а веруваат и во можноста дел од заминатите да се вратат да работат во земјава. Приоритет на Владата и на Министерството за здравство е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита што ќе обезбеди врвни услови за работа на медицинскиот кадар. Оттаму подвлекуваат дека со него ќе се обезбеди и беспрекорна услуга на граѓаните. По спроведени анализи, интегрираниот објект би можел да биде на пет нивоа со вкупна површина од 102.000 квадратни метри, ќе има 1.300 болнички кревети, 20 операциски сали, четири ангиографски сали, осум родилни сали и 65 амбулантни за специјалистичко консултативна дејност.

Инаку според физибилити-студијата проценетата вредност за изградба на објектот е меѓу 430 и 480 милиони евра. Неодамна Владата ја донесе одлуката за локацијата за новиот клинички центар да биде во Ѓорче Петров.