Матичните лекари сакаат да се ослободат од препишување рецепти во хартиена форма и предлагаат да остане само електронската форма нa рецептот.

Од Здружението на приватни лекари велат дека веќе го доставиле овој предлог до Фондот за здравствено осигурување, но сѐ уште немаат одговор.

– Секако дека не бараме топла вода со укинување на хартиената форма на рецептот, тоа е веќе направено во многу држави со цел да не се троши толку хартија, што има и еколошки пристап. Иако не сум водела евиденција, знам дека во ординациите се троши енормно многу хартија за оваа намена. Еве, имаме пациенти во поодмината возраст на кои им препишуваме дури и по 30 рецепти за лекови од човек, па пресметајте колку е тоа на месечно и годишно ниво – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението.

Таа додава дека освен хартијата, веќе е време во ординациите да се намали и чекањето на пациентите кои доаѓаат само за да земат рецепти.

– Пред некој ден имавме застој на „Мој термин“ во издавањето упати и рецепти, кои не можевме да ги испринтаме, па луѓето мораа да чекаат и по 15 минути за да им издадеме еден рецепт, имаше реакции од цела Македонија… Бараме што побрзо да се укине рецептот на хартија и да остане само во електронска форма, со која располагаат и аптеките, а увид имаат и во Фондот за здравство – нагласува д-р Чолакова Дервишова.