Еден ден топло и сончево со повисоки температури, наредниот ден облачно со дожд и грмотевици, наглите климатски промени влијаат на многумина но најмногу на хронично болните лица.

Болеста на денешницата, метеопатијата,  ги погодува сите, од најмали до најголеми, но најмногу хронично болните лица и граѓаните од средното доба, велат лекарите.

„Метеопатијата е болест на модерното време која реагира, односно се чувствува 24/48 часа пред промена на времето, посебно кај најчувствителните луѓе, вклучува: главоболка, вертигинозен синдром, општ замор и малаксаност, депресивна епизода, варијации на крвниот притисок, одредени мијалгии и артралгии при климатските промени, односно при промена на атмосферскиот воздух, надворешната температура, влажноста на воздухот, дождливото и ветровито време “, вели др. Софија Крстева, лекар по општа медицина.

И лицата без здравствени проблеми може да бидат метеопати, климатските промени им создаваат тегоби во секојдневниот живот, во секојдневните обврски.

„ Механизмот на кој што влијае варијацијата на климатските фактори се објаснува преку влијанието на електромагнетните бранови од атмосферата врз ослободување на стрес хормони, но не на константен начин, во поголеми количества наутро, во помали количини во вечерните часови. Во исто време постои и намалување на ендорфините, кои предизвикуваат намалување на издржливоста на болката со истовремено намален капацитет на имунолошката одбрана, која настанала заради присуството на стрес хормоните во циркулацијата “, вели др. Крстева.

Редовното следење на временската прогноза е метод број еден за заштита на метопатите, велат докторите.

„ Се препорачува стил на живот со природата и користење на нејзините природни ресурси, почеста прошетка во природа и на планина, користење на хербални екстракти, природни чаеви, одмор, релаксација, масажа, балансирана здрава исхрана. Кај хронично болните, редовно земање на хроничната терапија и следење на биопрогнозата “, истакнува др. Софија.

За метеопатите е препорачливо  најмалку 30 минути да поминуваат на свеж воздух секој ден, далеку од градската врева и метеж, пешачење до 30 минути, туширање наизменично со топла и млака вода, со што би се подобрила циркулацијата и  би се спречило влошувањето на тековните состојби.