Полот и родот се биологија, а не идеологија, е една од пораките која денеска ја испратија граѓаните на маршот организиран од Сојузот за живот со цел да се зачуваат традиционалните семејни вредности. Со маршот кој започна од црквата Света Богородица, а заврши во Соборниот храм во Скопје, сите традиционални верски заедници во Македонија порачаа дека не се согласуваат со процесот кој има за цел да донесе до редифинирање на семејството. Отец Ивица Тодоров кажа дека оваа порака се испраќа како до оваа, така и до секоја следна власт во државата.

-Сите ние сме тука собрани да испратиме порака до оние кои имаат моќ да одлучуваат во оваа држава, до моменталната власт и до останатите власти што ќе доаѓаат во оваа наша држава, дека ние како граѓани и како верници од сите традиционални верски заедници тука во Македонија, не се согласуваме, не го прифаќаме процесот кој го гледаме дека се одвива во западните земји. Процесот кој има за цел да дојде до редифинирање на бракот, до редифинирање на семејството, до редифинирање на полот и родот, изјави Отец Ивица Тодоров.

Поддршка на денешниот марш даде и Римокатоличката црква во Македонија. Отец Давор порача дека семејството е семејството и не може да се темели врз идеолошките поими и концепти.

-Заедничкото на мажот и жената е единствено природно, темелно и прекрасно добро за лицата, заедницата и целото општество. Семејството е антрополошки факт, општествен и културно сроден факт. Не можеме да го окарактеризираме врз темелот на идеолошките поими и концепти. Семејството е семејство, изјави Отец Давор.

Потпишана беше и декларација со која се бара зачувување на семејството онакво какво што е, да не се дозволат истополови бракови и посвојување на деца од страна од страна на партнери од ист пол. Од „Сојузот за живот“ побараа сите политички чинители да ја прифатат оваа декларација.

-Неприфатливи се истополовите бракови, инцестот, полигамијата, педофилијата, некрофилијата, зоофилијата и иницијативите кои водат кон нивна легализација. Сметаме дека треба да биде озаконета забраната за посвојување деца од истополови бракови или од партнери со оперативно променети полови. Бараме суспензија на секоја јавна промоција на сексуална ориентација која е во спротивност со трајните морални вредности на човештвото и општеството, изјави Валентина Димова.

Пред почетокот на маршот во црквата Света Богородица се отслужи утринска литургија со почеток во 8:30 часот.