Пациентите кои денеска отишле да подигнат терапија за рак на кожа биле вратени со образложение дека го нема лекот Зелбораф, реагираат пациенти. Тие тврдат дека во изминатиот период, особено во последниот месец останувале без терапија бидејќи на Клиниката за онкологија лекот го немало.

„Од денеска повеќе пациенти се оставени без терапија, ги вратија дома така,  а лекот ни е неопходен за третирање на ракот“, тврдат пациенти, кои сакаат да останат анонимни поради можни последици на клиниката каде се лекуваат.

Директорот на Клиниката за онкологија, Нино Васев тврди дека лекот ќе го има од вторник бидејќи постапката со тендерот завршила.

„Тие што не добија лек денеска се вратија, но на сите им е јавено дека терапија ќе има во вторник во 12 часот за да дојдат да си ја подигнат. Лековите се стигнати и во моментот се царинат. Тендерот е завршен и во наредните две години ќе има лекови за сите пациенти болни од рак“, изјави Васев.

Тој вели дека станува збор за лек кој не е на позитивната листа, но Клиниката го набавува од својот буџет. Во моментот има шест нови пациенти со меланом кои треба да се ставата на терапија и уште двајца кај кои се уште се вршат испитувања, вели Васев.

Фирмата „Др. Пановски“, го добила тендерот за да го набавува овој лек. Тендерот што го распиша Министерството за здравство се развлече со месеци и пациентите повторно се без терапија. Зошто блискоста со Филипче да биде услов за земање на тендерот и потоа истиот воопшто да не се почитува.

Бројот на пациенти со карцином постојано се зголемува, а државата беше критикувана од страна на Европската комисија дека Македонија нема национална стратегија за борба со оваа болест, ниту пак сите граѓани имаат пристап до скринингот.