Државните здравствени и санитарни инспектори вчера извршиле вонреден инспекциски надзор во бараката во која е сместена амбулантата во Ѓорче Петров, а во која беше објавено дека имало змија која ги испаничила пациентите. Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), Ирина Бухова, информира дека го задолжила директорот на Здравствениот дом – Скопје во најкус рок да каже што планира да прави со тој објект кој се наоѓа во многу лоша состојба.

– ДЗСИ постапи во тој објект лани во март. Со решение го задолживме сопственикот на објектот, односно Здравствениот дом, во рок од шест месеци да обезбеди оптимални услови за вршење здравствена дејност. Директорот тогаш информираше дека обезбедува средства за оваа година за да се санира објектот. Повторно имавме вонреден надзор вчера, по што пративме известување во најкус ројк да го извести ДЗСИ што планира со тој објект, дали ќе го реновира и како, со која динамика. Треба да се има предвид дека таму има девет приватни здравствени установи, во кои се лечат од 27 до 30 илјади пациенти. Не е решение само да се затвори објектот, каде би се лечеле сите тие пациенти? Очекуваме да знаеме што се планира со тој објект, па потоа ќе знаеме како ќе постапиме – информира Бухова.

Бараката во која со децении се лечат пациенти е буквално пред распаѓање. Ѕидовите се полни со влага, инсталацијата е дотраена, а клозетите се руинирани.