Четириесет медицински сестри за неполна година си заминале од Клиничкиот Центар во Скопје. Станува збор за искусни сестри, со долг стаж и работно искуство, кои си дале отказ, најголем дел за да заминат да работат во странство. Ова го покажуваат податоците на самостојниот синдикат на клинички. Од синдикатот се загрижени што работните места ги напушта искусен кадар, кој е тешко да се замени со нов.

„Мене ми е жал и како пациент, но и како граѓанин дека тие медицински сестри што заминуваат се ретко млади сестри, тоа се главно сестри со сериозно работно искуство, докажани во својата професија, на одговорни места на клиниките, како одделенски медицински сестри, одговорни сестри кои што водат одредени софистицирани дијагностички процедури и кои што тешко може да се надокнадат. Тоа е спремен кадар кој што баш во тие години треба да му служи на ова општество, на граѓаните за да имаме бенефит сите“. – вели Јулија Јовановска – Самостоен Синдикат на Клинички Центар.

Во ГОБ „Осми Септември“, пак за неполна година си заминале 18 медицински сестри, а од болницата велат има најави дека до крајот на годинава бројката ќе се искачи на 25.

Од старата градска болница во Скопје „Св. Наум Охридски“, пак, од почетокот на годинава заминале 17 медицински сестри, од кои 9 се пензионирале, 6 си заминале со спогодбено преземање и две си дале отказ.

На сметка на ваквиот масивен одлив, медицинските сестри кои остануваат во Македонија одвај постастуваат со работа. Од здруженијата посочуваат дека особено проблем се дежурствата за време на летните одмори.

Според податоците на синдикатот, во моментов во Македонија има 8.200 медицински сестри, за разлика од пред 5 години кога имало вкупно 11 000 сестри.

И покрај ваквите податоци, здравствените власти тврдат дека состојбите во последниве две години се подобрени, а дека одливот на кадар не е проблем отсега, но дека оваа Влада покажала подготвеност за подобрување на статусот на медицинскиот персонал, со цел тие да се задржат во државава.