Откако на седницата на 5 јули, Владата ја усвои Информацијата за изготвување закон за донирање на вишокот на храна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доби задача до 5 август да го достави Нацрт-законот, а Министерствата за труд и социјална политика и за локална самоуправа се задолжени, во рок од 15 дена да изградат заеднички став во однос на дефинирањето корисници на храната што ќе биде донирана, односно, да определат критериуми што треба да ги исполнуваат корисниците на храната што ќе биде донирана, како и во однос на мониторингот на распределбата на вишокот на храна до крајните корисници.

Работната група за изработка на Закон за донирање вишок храна беше составена од претставници од петнаесеттина институции и четири граѓански организации, а координатор беше Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според дел од активистите, битен сегмент од предлог законот е дека институциите и координаторската АХВ, се согласиле да се востанови терминот „вишок храна…“, што досега го немало во ниеден закон, ниту правилник во актите кои ја уредуваа оваа материја.

Со предлозите во новиот закон, се предвидува компаниите кои ќе донираат храна да имаат даночни олеснувања, а во донациите ќе може да биде опфатена храна која е ставена во промет а не е продадена, храна на која и се приближува рокот на употреба, неискористена храна од угостителски објекти и судски конфискувана храна која е безбедна за употреба… Теми на разговорите во работната група биле и прашањата за начинот на избор на задолжените за дистрибуција на храната, како и на крајните корисници – дали храна би добивале само корисниците на социјална помош или и граѓаните со ниски примања.

Душко Христов, претседател на „Банката за храна – Македонија“ , воедно и директор и финансиски менаџер на проектот „ВСС Ефект“, поддржан од Европската Унија, кој неопходноста од законот ја илустрира со податокот дека над 70.000 македонски граѓани имаат само 2 до 3 оброка неделно, а над 12 илјади тони употреблива храна се фрлаат на депониите, сепак, во своја дадена изјава, изрази и делумна резервираност во поглед на крајниот изглед на законскиот текст.

„Работната група работеше од крајот на март 2019 до крајот на јули 2019, а работата се реализираше низ десет работни сесии при што успеавме некако да се согласиме и го составивме предлог – законското решение за актуелната тема, вишокот храна и ставање на истата во корист на лицата и семејствата во социјален ризик т.е. на сите оние кои ќе имаат потреба од храна. Од почетните позиции, предлогот што беше ставен на маса во април 2019, во крајниот предлог текст се смени за цели 180 степени. Првично, имаше одредби и насоки кои наведуваа дека во рамки на Законот треба и ‘мора’ да се турка една иницијатива која самата по себе беше противречна и неизводлива, за на крајот, со предлози и сугестии од сите страни – вклучени во процесот, дел од недоразбирањата да се ‘испеглаат’ (барем така беше во крајниот текст што како документ се испрати до Министеството за правда, а оттаму ќе оди и до Владата, на почетокот на август), меѓу сите нас што бевме вклучени во работната група. Но, сè до негово конечно појавување во јавноста, можеме само да шпекулираме што Владата ќе избере или ќе остави од нашите предлози“, ни изјави Христов.

„Секако, како и секој Закон и овој има свои казнени одредби кои останаа да ‘висат’, а со истите треба да се стави ред и да се наметне сериозна обврска и одговорност на сите чинители во процесот – од донатори–оператори со храна, преку ‘дистрибутери – доставувачи на вишокот храна’, до самите корисници на оваа услуга. Ништо не смее да се импровизира и да се однесува кој како ќе му текне, од една страна да се води ПР преку човекољубие, а од друга страна, да се загрозат животи на корисници кои и не по своја волја би пристапиле да побараат храна“, предупредува Христов, член на организацијата која се грижи за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица.