Откако десетина дена во медиумите е актуелна темата со пропаѓање на проектот за детската кардиохирургија, министерот за здравство Венко Филипче и денеска ја пропушти шансата да ја увери јавноста дека заминувањето на кадриохирургот Владимир Чадиковски и тимот кој ги работеше кардиохируршките операции кај бебињата со вродени срцеви мани од клиниката „Жан Митрев“ нема негативно да се одрази на третманот на овие деца.

Министерот првпат се појави на некој настан по користењето на годишниот одмор и ја посети Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар поради ставање во употреба на нов апарат за ултразвук. Но на настанот не беа поканети новинари, туку само се објави соопштение со фотографија на страната на министерството.

Се поставува прашањето, дали Филипче намерно ги избегна новинарите, бидејќи беше свесен дека ќе се соочи со прашања за детската кардиохирургија.

Од кабинетот на Филипче велат дека не планирале настан, туку само биле во посета на клиниката и тогаш процениле дека е добро сепак со јавноста да се сподели информација за новиот апарат.

Останува да видиме дали Филипче ќе свика прес-коференција на која ќе одговори на неодговорените прашања поврзани со детската кардиохиргија како што беше онаа прес-конференција на која го најави спојувањето на тимот од Клиниката за детска хирургија и „Жан Митрев“.