Дали и како заминувањето на единствениот лиценциран детски кардиохирург од приватната болница на Митрев ќе се одрази на третманот на бебињата со вродени срцеви маани? Дали ако Чадиковски и тимот почнат да работат во друга приватна болница – државата ќе пренамени дел од средствата кај тој тим?

Министерот за здравство, Венко Филипче откако изби скандалот со пропаѓањето на проектот за детска кардиохирургија во приватната болница Жан Митрев, се уште се нема појавено во јавноста. Наместо тоа, од министерството се пуштаат соопштенија во кои се фалат дека се подобруваат условите за пациентите во државните болници.

Филипче за еден медиум вели дека во текот на неделава ќе даде изјава, бидејќи во моментов се чекало на дефинитивни одлуки. но за какви одлуки станува збор – министерот не кажува.

За овој случај и антикорупциска отвори предмет – од таму велат дека го подготвуваат списокот со документи кои ќе бидат побарани од министерството и фондот за здравство како и од приватната клиника Жан Митрев, а ќе проверуваат како и какви договори склучила државата со приватната болница.

Дали и зошто првиот проект што Филипче го нарече јавно-приватно партнерство пропадна – прашаа и од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Од таму обвинуваат дека власта на здравствениот систем гледа само како на приватна фирма, а наместо да развиваат вистински концепти за јавно приватно партнерство, велат – спроведоа концепт со кој на крај ги распродадоа професионалците од јавното здравство да трчаат по приватни болници и да бегаат во странство.

„Единствениот лиценциран лекарски тим за детска кардиохирургија во Македонија, усовршен и создаден со народни пари, му рече не на Дончев и на Филипче. Апаратурата дополнително која е во висина од 1,5 милиони евра стои на клиниката за детска хирургија стои недопрена и неискористена. Наместо развој на јавните институции, ни се случи разнебитување. Зошто? Затоа што јавно приватно партнерство всушност не ни беше ниту концепт!“ – рече Игор Николов – ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот на Комисијата за Здравство на ВМРО – ДПМНЕ, Синиша Стојаноски и јавно го повика министерот на дебата – за како што рече многу отворени прашања и нерешени проблеми во здравствениот систем.

Во меѓувреме пак од приватната клиника Жан Митрев преку соопштение до јавноста тврдат дека сите операции кај деца до 18 години се одвиваат непречено.

Д-р Чадиковски и други здравствени работници со години беа обучувани од државата со цел да се развива детската кардиохихрургија во државното здравство.

Министерот Венко Филипче пред околу шест месеци изјави дека нема услови за развој во државното здравство, па затоа одлучиле тимот од државна да се префрли во приватна болница преку модел кој го нарече некласично јавно приватно партнерство.