Кај Бане Најдовски од Ајватовци не е утврдена општа неспособност за работа поради остварување на право за инвалидска пензија и затоа барањето на Најдовски е одбиено како неосновано. Овој краток одговор го добивме од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување откако побаравме став зошто и како лекарите во Комисијата утврдиле дека 59 годишниот скопјанец е работоспособен кога поседува медицинска документација од специјалисти со дијагнози -васкуларна деменција, алцхајмер, прележани мозочни удари и дијабет. Пациентот од пред една година носи и пелени за возрасни, користи туѓа нега а психијатри во извештаите навеле дека не е способен сам да се грижи за себе. Од ПИОМ не добивме конкретни одговори туку само сумирање на податоците кога предметот на Најдовски бил во нивните служби. Негативен одговор семејството добило и од Државната комисија за одлучување во управна постапка. Од Министерството за труд и социјала велат дека немаат ингеренции врз комисиите. Но имаат ревизиона комисија која прави контрола на позитивни одлуки за инвалидска пензија и по случаен избор на дел од одбиените.

Контактиравме и психијатри кои ни укажаа дека пациент со васкуларна деменција не може да биде работоспособен бидејќи лица со дементна состојба не можат самостојно да потпишуваат документи во свое име и им е потребна постојана нега. Дека Бане е зависен од семејството потврди и неговата сопруга која побара и од лекарите и од работодавачи да кажат дали ќе вработат лице кое само не може да отиде ниту до тоалет.

-Тој сам не може да ги испие ниту лекарската ако му ги оставам на маса., Мора јас едно по едно да му ги давам, не може сам, вели Лилјана Најдовска, сопруга на Бане.

И додека чекаме одговори од надлежните институции, во одредени медиуми се јавија и други граѓани кои и покрај тешките болести не можат да го остварат правото на инвалидска пензија.

Зошто од надлежните институции се нема слух? Зошто министерката Царовска за овие работи незнае да излезе во пресрет на своите сограѓани или едноставно да се разгледа случајот? Која е причината поради која Бане не е подобен за инвалидска пензија? Како и поради која причина сеуште е прогласуван за работоспособен?