За две години вкупно 23 пациенти поднеле претставки против лекари, а само оваа година има 51 барање за вонреден стручен надзор за да се испита нивното работење, потврдија во Лекарската комора на Македонија. Од таму велат дека за дел од нив процениле дека немало причина да постапуваат, а другите се процесуирани.

„Во претходните две години добиени се 23 претставки од пациенти против лекари. За дел од нив немало основа за постапување, а за дел од нив има изречено неколку опомени и 5 се во постапка на разгледување“, велат во Лекарската комора.

Во последните шест години биле поднесени 213 барања од пациенти за вондреден стручен надзор од кои 100 се спроведени , а околу 15 стручни надзори се во тек. Од нив само годинава биле поднесени 51 барање за стручен надзор, додека минатата година тој број изнесувал 39.

Барањата за вонреден стручен надзор најчесто се однесуваат за пропусти во лекувањето, неупатување на одредени испитувања и нестручно лекување, објаснуваат во Лекарската комората. Од таму велат дека бројот на пријави и од двете страни и од лекари и од пациенти, ескалира во последно време, телефоните постојано sвонат при што ги упатуваат да поднесат писмени претставки.

Вчера на протестот против насилството „Доста е!“ покрај барањето за обезбедување на лекарите од насилни пациенти или нивни роднини, беше побарано да се направи ефикасен систем за евиденција и санкционирање на несоодветен и непрофесионален однос од страна на здравствените работници. Од Синдикатот на Клиничкиот центар исто така побараа министерот за здравство Венко Филипче да ги заштити сите подеднакво.

„Пациентите треба да разберат дека сме со нив, но не сме семоќни. Но, и вработените исто така  не смеат своите нервози, фрустрации и замор да ги манифестираат врз  пациентите“, рече на протестот Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар.

Од друга страна, во последните девет месеци регистрирани се 15 случаи во кои пациенти или нивни роднини нападнале лекари и со нив физички или вербално се пресметувале, велат во ССКЦ. Дека ситуацијата со напади врз медицински персонал ескалира, говори податокот дека во време на претходниот министер Тодоров имал по 5 случаи на напад на лекар годишно,  а сега тој број за 9 месеци е три пати поголем.

Незадоволството кај лекарите кулминираше со последниот напад во лекар во гостиварската болница кој беше претепан од роднини на пациент, по што во бесознание беше пренесен во Клиничкиот центар. Само неколку дена подоцна беше нападната медицинска сестра во поликлиниката во Драчево.

Министерот Филипче вчера најави дека започнале кампања за враќање на довербата помеѓу пациентите и здравствените работници.  Но, тој не објасни на кој начин ќе се враќа довербата и дали тоа подразбира подобри и побезбедни услови за работа на здравствените работници, како и евиденција на лекарските пропусти и случаите на корупција кои се присутни во јавното здравството.