Лекарите се жалат дека се чувствуваат небезбедно од пациентите, додека пак пациентите со поплаки од лекарите. Долгите чекања низ ходниците, чекањето за преглед, недостатокот на терапија, се само дел од причините поради кои негодуваат пациентите, а кои понекогаш доведуваат и до насилство, велат од Здружението „Живот со предизвици“. Весна Алексовска во одбрана на пациентите, рече дека граѓаните честопати се жалат во здруженија, во Министерството за образование, во Комисијата за заштита на правата на пациентите, но и до Државниот здравствен инспекторат, меѓутоа како што вели, ретко добиваат одговор на нивните жалби. Овие институции ја одолговлекуваат постапката и на крај не излегуваат со конкретно решение, додава Алексовска.

Од Комората на здравствени работници и Лекарската комора, апелираат до граѓаните да ги остават да си ја вршат својата работа и додаваат дека не можат постојано да се движат во придружба на полицијата. Велат дека пациентите можат да се жалат, но не и да напаѓаат физички или вербално.

Од Лекарската комора велат дека ќе одржат средби и со другите комори, како и со Здруженијата на пациентите, со цел изнаоѓање решение за спречување на насилството врз здравствените работници. Инаку, само за една недела во земјава се регистрирани 4 напади врз лекари.
Минатата недела белите мантили излегоа на протест на цела територија на земјата, барајќи поголема безбедност и полициска заштита во секоја болница. Доколку нивните барања наидат на глуво уво, велат дека ќе ја бојкотираат работата на болницата