Системот за електронско закажување на прегледи во јавното здравство не престанува да создава проблеми. Пациенти реагираат дека од матичните лекари многу често добиваат објаснување дека нема термин за прегледот што им е потребен. Меѓу прегледите кои е најтешко да се закажат е очен преглед кај децата, ортопедски преглед, преглед спортска медицина, но се чека и за уролог.

– Требаше да закажам контрола на очен лекар кај детето, но термин немаше. Објаснувањето што го добив од матичниот е дека тој лекар ретко пушта термини. Потребно ми беше да закажам и контрола на ортопед, но и за таму добивам образложение дека лекарката е на одмор, па потоа дека нема пуштено термин. Среќа, немав ниту со преглед во болницата за Белодробни заболувања во Козле, бидејќи и за таму немаше пуштено термин. И на крај добив совет да се јавам другата недела па ќе пробаме пак да најдеме термин – вели една скопјанка.

Пациентите се прашуваат дали специјалистите кои имаат договор со Фондот за здравство намерно пуштаат малку термини, за потоа пациентите кои одат кај нив да мора да закажуваат приватно.

– Детето оди кај ист офталмолог, тој го следи, не може секои шест месеци да го менуваме лекарот во зависност од тоа каде има термин – вели мајката, која во неможност да закаже термин платила приватен преглед.

Во случаите како што се ортопедските прегледи кај деца проблем е и тоа што ако го направите прегледот кај приватен лекар ќе треба и приватно да си го купите ортопедското помагало зошто тој не може да ви даде потврда.

Пациентки реагираат дека осум месеци не можат да добијат термин за ехо на гради во болницата „8 Септември“.

– Имало термин на друго место. Да има, ама не е истиот доктор кој веќе шест години ми ја следи состојбата – вели пациентка.

Друг пациент, пак, се жали дека пред 10 дена матичната лекарка му рекла дека треба да направи уролошки преглед, но нема термин.

 

– Ме запиша во една тетратка и ми рече кога ќе пуштеле термини ќе пробале да најдат. И сега чекам – раскажува тој.

Во Министерството за здравство побаравме објаснување за тоа кога и како се пуштаат термините, дали некој конторолира дали има злоупотреби, односно дали намерно не се пуштаат термини од одредени болници или лекари, како е регулирано пуштањето на термини со приватните лекари кои имаат договор со ФЗО, но одговор не добивме.

Од ресорното министерство нема ниту објаснување околу тоа кога ќе се направат најавените измени на „Мој термин“ и што тие ќе донесат.