Милион и двесте илјади денари донираа денеска повеќе од 3000 посетители, вработени во Алкалоид и нивни пријатели, на хепенингот кој 9 година по ред го организиира  Фондацијата „Трајче Мукаетов“  и „Алкалоид“.

Собраните средства ќе бидат донирани на здружението на граѓани „О2“ – иницијатива за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна околина.

,,Особено сум горд што традицијата на донирање и помагање на заедницата во која сите ние живееме и функционираме продолжува веќе деветта година по ред и станува сѐ помасовна. Кога се решаваше прашањето за намената на овогодинешната донација, кај сите консултирани веднаш добивавме акламација истата да биде наменета за борба против загадувањето. Навистина ми е драго што вработените во компанијата, нивните семејства и пријатели денес даваат мал но значаен придонес за кревање на свесноста за сериозноста на оваа појава. Проблемот со загадувањето на животната околина е горлива тема која непосредно нѐ засега сите нас! Ако чистата животна околина значи ЗДРАВЈЕ и претставува колективна одговорност, тогаш верувам дека нашиот партнер на овој настан, граѓанската иницијатива ‘О2’ е легитимно избран и дека денешната донација ќе ја искористи за една навистина благородна цел: подобрување на квалитетот на животна околина, а со тоа и квалитетот на животот воопшто!” – рече Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје.

Претставничката и еден од основачите на иницијативата „О2“, г-ѓа Ели Пешева, кажа дека поддршката од „Алкалоид“ е доказ дека работите се придвижуваат во позитивна насока и во пракса, а не само теоретски.

„Имаме проблем со загаден воздух, вода, почви, нема сегмент кој е чист, здрав и безбеден за граѓаните, пред сѐ за децата. Како активисти-волонтери, ние се трудиме да работиме на подигнувањето на јавната свест, но и да ги мотивираме и поттикнеме одговорните институции, сериозно да ги третираат последиците од загадувањето, за нас веќе карактеристично во текот на целата година, а не само за време на зимскиот период. Благодарение на поддршката од ‘Алкалоид’ веруваме дека и на терен ќе можеме да покажеме дека со добро осмислени проекти и акции, секој од нас може да биде и корисен и одговорен кон животната средина рече Пешева.