Седењето пред компјутери осум часа дневно, пет дена во неделата, има големо влијание врз вашето здравје. Работата во канцеларија од 9 до 17 може да биде стресна и исцрпувачка, но тоа не значи дека треба да го занемарите своето здравје. Со мали промени на дневно ниво и со нова рутина лесно можете да стекнете добри навики. Еве неколку совети како да бидете поздрави.

Појадувајте

Ако го почнете својот ден со здрав појадок, ќе се почувствувате подобро во текот на целиот ден. Веројатно е примамливо да земете кафе попат до канцеларија, евентуално некој кроасан, но морате да го испланирате времето за вистински појадок. Ако не појадувате редовно, ќе се чувствувате уморни, ќе бидете нерасположени и деконцентрирани.

Пијте многу вода

Ако сте жедни, ќе се чувствувате уморни. Многу од нас често грешат и жедта ја мешаат со глад. Наместо да посегнете по кафе или крофна, пробајте да пиете по една чаша вода на половина час. Ако сепак сте гладни и откако ќе се напиете вода, јадете овошје, ореви, бадеми, лешници.

Седете исправено

Лесно е да се искриви вратот или ‘рбетот кога се седи по цел ден. Ако често ве болат грбот и вратот, тогаш веројатно не седите правилно. Екранот треба да биде на ниво на вашите очи за да седите исправено.

Движете се

Ако сте некој што не се поместува од столчето цел ден, тогаш веројатно сè ќе ве боли по подолг временски период. Ако немате време да одите до фитнес-сала по работното време, прошетајте кога правите пауза, избегнувајте го лифтот, секогаш одете по скалите и станувајте одвреме-навреме, барем по ужина.

Ручајте надвор од канцеларијата

Лесно може да ве занесе работата и да го прескокнете ручекот. Но, немојте да го правите тоа. Со тоа што ќе излезете од канцеларијата и ќе отидете на ручек правите и физичка пауза и пауза за мозокот. Многу е важно да не јадете на биро.