Кон средината на месецов, патронажните служби ќе почнат да даваат медицинска помош во домашни услови во координација со матичните лекари за тоа на кои од нивните пациенти им е потребна ваква здравствена услуга. Претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗМПЛРМ) Лилија Чолакова-Дервишова вели дека од Министерството за здравство од нив побарале да кажат кои од нивните пациенти имаат потреба од вакви услуги, за да се овозможи соодветна медицинска грижа, особено во местата каде нема доволно лекари.

„Ни побараа секој матичен лекар да каже на кои пациенти им треба медицинска услуга од патронажните служби во домашни услови, бидејќи ние тоа најдобро го знаеме и следиме. Знаеме кој од пациентите има одредена хронична болест, каква терапија му е потребна и за кои од нашите пациенти би било големо олеснување, ако одредена услуга ја добијат дома. Ова е особено добро и важно за помалите места, каде има малку лекари или нема и луѓето не можат добијат соодветна здравствена грижа“, вели Чолакова-Дервишова.

Од Министерството за здравство велат дека ги комплетираат документите за ангажман на медицинските сестри во патронажните служби, кои треба да почнат со работа кон средината на месецов. Министерството летово распиша оглас за работа на медицински сестри во патронажните служби, кои беа на обука со проект на УНИЦЕФ, кои треба да даваат здравствени услуги во домашни услови во рурални средини и за лица во социјален ризик, но и секаде каде има потреба.

„Тие ќе бидат ангажирани со договор на дело во патронажните служби низ целата земја. Освен помош на мајките веднаш по породувањето, ако е потребно да им помагаат и на останатите граѓани“, велат од Министерство за здравство.