За да добиете лек за вас или за друго лице во аптеките ќе мора да приложите лична карта или пасош. Но дали податоците на граѓаните се безбедени откако почнаа да важат новите правила ?

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци на прашањето дали здраствените власти се консултирале со оваа институција пред да биде воведена мерката, како и за тоа кои податоци ќе им бидат потребни на аптекарите и зошто? Одговор нема. Од Фондот пак на брифинг со новинарите се посочи дека на нив од Агенцијата им дале зелено светло. Дел од граѓаните стравуваат дека постои можност за злоупотреба на личните податоци.

Надлежните уверуваат дека со укинувањето на квотите се решава деценискиот проблем со недостиг на лекови во аптеките. Следната фаза од проектот за укинување на квотите е набавка на скенери на лични карти на граѓаните. Директорот на Фондот за здравство Ден Дончев уверува оти ваквите читачи, кои ќе ги плати државата ќе ги има во сите аптеки.

Засега не е целосно јасно како ќе функционираат овие т.н. скенери, дали ќе ги собираат податоците од граѓаните во систем на ФЗО, или пак од некаква база на податоци само ќе се врши проверка. Од Фармацевската комора засега велат дека не се запознаени со ваквите новини што, според најавите на здравствените власти, треба да се спроведат за неколку месеци.