Од денес повторно работи погонот на „Арчелор Митал“ или под новото име „Либерти Хаус Груп“, од каде беше предизвикано загадувањето на Вардар на 22 септември, кога преку главниот канализационен испуст кај Ново Лисиче се излејаа токсични отпадни води со висока концентрација на рѓа и хлороводородна киселина.

Ова го потврдија во Државниот инспекторат за животна средина, од каде што информираа дека фабриката го завршила санирањето на дефектот, по што го известила Инспекторатот за новата ситуација.

Од Инспекторатот претходно информираа дека „Арчелор Митал“- „Либерти Хаус Груп“, по извршениот вонреден инспекциски надзор поврзан со хаваријата на 22 септември од надлежниот инспектор добил решение со кое компанијата ќе биде казнета со забрана за дејност на погонот кој ја предизвикал хаваријата, во времетраење од 90 дена, со напомена дека се работи за максимално времетраење на забрана за работа, предвидено со закон.

„Изречената забрана беше 90 дена или до отстранувањето на дефектот“, појаснува Дарко Блинков, раководител на Секторот за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот инспекторат.

Според Блинков, вонредните контроли направени откако дефектот бил отклонет, покажале дека се отстранети причините за предизвиканата хаварија по што било дадено зелено светло „Арчелор Митал“ да продолжи со нормална работа.

Хаваријата која предизвика испуштање на огромни количества на отпадна индустриска вода направи помор на риба по текот на Вардар на потегот од Ново Лисиче до Трубарево. Отпадните води од комплексот на некогашна „Железарница“ се влеваат во канализациониот систем кој води до реката Вардар.

Од ДИЖС реагираа и на настапот на државната секретарка во Министерството за животна средина, Ана Петровска даде изјава дека на денот на хаваријата немало инспектори од ДИЖС на местото на хаваријата бидејќи биле на пат.

„Со овој допис ја демантираме оваа изјава како неточна, со намера да се наштети на интегритетот на Инспекторатот и на инспекторите посебно, што дава погрешна слика кај јавноста за реалната состојба во Инспекторатот, посебно кога е ова изречено од висок функционер на Министерството за животна средина и просторно планирање“, стои во писмената реакција на ДИЖС, од каде тврдат дека за инцидентот не бил известен ниту Директорот на Државниот Инспекторат за животна средина, односно инспекторите се информирале преку медиумите во доцните вечерни часови, по што во понеделникот наутро се реализирани трите вонредни инспекциски надзори и дека тоа била причината за нивната ненавремена реакција.