Секој ден на 3 до 4 жени во земјава им се дијагностицира рак на дојка. Минатата година регистрирани се околу 1200 новозаболени, а близу 500 –тини починале, покажуваат податоците од невладината Борка. Иако раното откривање е клучно за успешен третман на болеста во некои здравствени установи се чека и по два месеци за снимање на мамограф. Министерот за здравство вели дека листата е зголемена бидејќи морало комплетно да се сервисираат сите 15-тина апарати за да се подобри дијагностиката.

-Се работи на квалитетот на постојните мамографи кое треба да го намали времето на чекање за потребниот преглед. Во тек е набавката на осум нови мамографи, ќе биде подобро изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

-Сега се чека од месец до два, на некои места две недели, додека оние кои се веќе оперирани имаат приоритет за мамографски преглед, и тука нема поплаки од пациентите, изјави Биба Додева, претседател на здружението Борка.

За подигање на свеста за ракот на дојка единаесетта година по ред во Скопје се одржа манифестацијата “Напред розово” во организација на здружението “Борка” и амбасадата на САД во земјава.

-Ова е исклучителна можност за да ги зголемиме средствата, да ја зголемиме свесноста, да ги охрабриме луѓето за ран скрининг и рана дијагностика за да се свесни за оваа болест, како и да ја зголемиме надежта, рече Кејт Мери Брнс, амбасадор на САД во земјава.

Во месецот посветен на борбата против ракот на дојка министерот за здравство рече дека обезбедиле комплетна терапија за сите жени кои ја имаат оваа болест, а најави и дека од идната година сите пациенти оперирани од малигни болести ќе бидат ослободени од партиципација не само за лекување туку и за сите неопходни прегледи и снимања.