Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ објави статус на својот Фејсбук профил во кои пишува дека на прав пат не се излегува со насилство во училиштата во Македонија.

НА ПРАВ ПАТ НЕ СЕ ИЗЛЕГУВА СО НАСИЛСТВО

Насилство, изминативе денови повредени деца во општина Чаир, општина Прилеп, општина Карпош…
Зарем треба Владата, министерствата да дозволат да се случуваат вакви работи? Дали насилството станува секојдневие во нашата држава?
Дали на овој начин безбедноста на децата е врвен приоритет на Владата?
Дали со насилство имаме безбедно општество еднакво за сите?

Уставот на Република Македонија е законскиот столб кој ги гарантира слободите и правата на граѓаните на Република Македонија. Едно од нив е и правото на образование достапно на секого под еднакви услови.
Во Законот за основно образование, се забранува каква било форма на телесно и психичко малтретирање на ученикот.
Законот за средно образование, забранува телесно и психичко малтретирање и предвидува советување на родителите во случај кога ученикот учествува во тепачки, упатува навреди или е вклучен во други форми на насилно однесување.
Но, и покрај законската регулатива имаме повредени деца…

Надлежните институции треба да одговорат во најкраток можен рок. Потребно е да се преземат веднаш соодветни мерки за да не се повтори. Општеството треба активно да се заложи за редуцирање на било какви форми на насилно однесување и да промовира здрави животни стилови.
И во 2019 година насилното однесување за жал се повеќе го има… Скоро немилите настани каде има повредени деца и во Чаир, Прилеп и Карпош го покажуваат тоа. Според годишниот извештај на Министерството за внатрешни работи за 2018 година насилното однесување меѓу учениците бележи пораст за 25,3% и регистрирани се вкупно 104 случаи од кои 54 случаи во основни училишта, 50 случаи во средни училишта. Од ваквото насилничко однесување повредени биле 108 ученици и еден наставник, од кои на седум им се нанесени тешки телесни повреди кои се однесуваат на нанесени убодни рани со нож.

Статистичките податоци покажуваат дека во 2018 година има 554 пријавени деца во судир со законот според групите на кривичните дела и видот на одлуката. Од нив 60 деца, сториле кривични дела против животот и телото. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на пријавените полнолетни лица – познати сторители во 2018 година е зголемен за 9.5 % во споредба со 2017 година

Безбедноста на децата треба да е врвен приоритет на Владата. Станува збор за деца, тинејџери… Тие се наоѓаат во фаза од нивниот живот кога најмногу им е потребна поддршка. Неопходно е вклучување на сите надлежни институции. Но, зошто да се дозволи настаните да ескалираат со насилство?
Според Светската здравствена организација „насилство е секоја намерна употреба на физичка или психичка сила/моќ. Насилството може да биде во форма на закана или пак да вклучува употреба на сила, насочена кон себе си, кон друго лице или пак, кон друга група/заедница. Завршува (или може да заврши) со физичка повреда, со смрт, со психичка штета, со нарушувања во развојот или со загуба“.

Црвениот семафор е вклучен!
Да не дозволиме повторување на немили настани, кои можат да бидат кобни за сите…
Зошто тоа се нечии деца, наши деца, Ваши деца!