Хаосот настанат поради низата правни недоречености што произлегоа од министерската одлука на господарот на вакцините, Венко Филипче, невакцинирани деца да не се примаат во училиште достигна кулминација. Невакцинирано прваче, вчера во присуство на полиција, е испратено надвор од училиштето „Блаже Конески“ во Велес оти немало примено МРП вакцина, тврди мајката Тања Перкова. Мајката коментира оти ѝ се кршат човековите права на неа ама и на нејзиното дете и според тоа што таа го сведочи детето веќе е трауматизирано. Од Здружението за заштита на човекови права „Од нас за нас“ велат дека детално се запознаени со случајот. Тврдат дека родителите не биле известени оти детето не е примено во училиштето, па редовно посетувало настава, а било впишано и во Дневник, ама со молив.

-Тања Перкова уште во мај поднела документи во училиштето со цел упис на своето дете во училиште. А тогаш не ѝ е кажано дека има било каков проблем со примањето во училиште на нејзиното дете, па нормално таа мислела дека се е во ред со уписот, дека детето е запишано. Согласоно Законот за основно образование, претходно рокот според стариот закон беше до 30 јуни, а сега со новиот е до 15-ти јуни, родителот или старателот треба да биде известен доколку детето не е запишано, и по кој основ, секако со правна поука, а подготвен од тричлена комисија. Ова се нема случено, а детето е впишано во дневник со молив, но не знаеме дали тоа е официјално, или не, вели Гордана Гоџо од здружението „Од нас за нас“.

Се обративме до МВР. Оттаму велат дека директорот на училиштето се јавил во полиција оти забележал невообичаена фреквенција на возрасни граѓани, по што полициски службеници излегле на лице место.

-Не се преземени никакви активности од страна на полицијата, ниту имало каков било контакт со ученици. Во училиштето дошле и инспектори од Министерство за образование и тие разговарале со родителите, затоа што тоа е во нивна надлежност, велат од МВР.

Директорот на улилиштето Јованчо Манасков, не даде детали за тоа што точно се случило вчера изутрината и зошто е повикана полиција, бидејќи нормално е да има поголем број на возрасни во училиштето ако има приредба на ученици.

По прогласената епидемија на морбили на почетокот на годинава, на владина седница во мај „падна“ одлука невакцинирани деца да не се примаат во градинки и училишта, која се спроведе како да е закон. Истата беше оценета како конфузна оти е во спротивност со Уставот на Македонија според кој образованието е задолжително.