На ниту еден лекар во државата досега не му е одземена лиценцата поради мито. Иако изминатиот период јавноста слушна за многу примери доктори да земаат пари од пациенти за  операција, а имаше и судски пресуди за примање поткуп,  Лекарската комора има изречено само јавни опомени бидејќи согласно законот за вакво дело не можеле да им ги одземат дозволите за работа.

–  Во ниту една земја не се одзема лиценца за земање на мито, тоа се решава на друг начин, велат од Лекарската комора.

Последните 10 години од страна на Комората за примање поткуп за еден лекар е побарана дисциплинска мерка, а судот во друг случај за мито покрај затворска казна на гинеколог му определи и едногодишна забрана за вршење дејност.

Каков епилог ќе има случајот со сега поранешниот заменик министер за здравство ќе покаже истрагата на обвинителството. Асим Муса по снимката објавена на албанската телевизија дека зема пари од пациент за хируршка интервенција вчера си поднесе оставка, но не одговори зошто пред да биде направена операцијата зема 50 евра.