Основното образование е задолжително, но и вакцинирањето е задолжително. На државата ѝ се потребни образовани и здрави деца. Доколку се јават заразни заболувања и епидемии во градинки и училишта како колективи каде ширењето е многу лесно и брзо, нема можност и за редовна и комплетна настава. Заеднички со надлежните министерства ќе се изнајдат начини децата да се вакцинираат, а без да им биде скратено правото да посетуваат образование. Едукација на родителите за да ги заштитат своите деца од заразни болести мора да постои. Потврдите за упис постојат одамна, а тоа е еден од начините децата пред запишување да се проверат и да ги примат пропуштените вакцини. Каде се правата на вакцинираните деца кои посетуваат градинки и образовни установи? Знаеме дека при појава на епидемии, поради силната вирулентност на причинителот (поради големата преносливост од еден на друг се засилува вирулентноста) може да заболат и вакцинирани деца, но во многу поблага форма, бидејќи вакцината може да заштити од 80-100 проценти. За крај, мораме и да размислуваме за тоа што ако родителите на вакцинираните деца не ги пуштат на училиште поради невакцинираните деца?, вели министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Дојче Веле.

Според Филипче, вакцинацијата е колективна одговорност. Антивакциналното лоби потребно е да мисли за здравјето на сите деца  и спречување на појава на епидемии на заразни болести, особено за оние деца кои од медицински причини не се во можност да се вакцинираат (истите се заштитени со колективниот имунитет). Каде е сега совеста на антивакциналните струи во Србија, каде во епидемијата на морбили има и смртни случаи, зарем немаат грижа на совест за негативната кампања и замајување на родителите? Ширењето на невистини, замајување на јавноста, а со тоа предизвикување на штета по здравјето на населението сметам дека не треба да остане несанкционирано, категоричен е министерот за здравство.

Во интервјуто нема одговор како тоа ќе го спроведе и во пракса.