Колона на возила кои не можат да се разминат, свирежи, блокиран пат за брзата помош. Ова се случуваше пред Клиниката за детски болести и е секојдневна слика во Клиничкиот центар.

Проблемот со паркингот на Клиничкиот центар се уште не е решен. Вработените велат дека после 8.30 часот е невозможно да се паркира возило во Клиничкиот центар. Возилата се паркираат на зелени површини, зад и пред клиниките, во кал, секаде каде што успеат да најдат место.И покрај тоа што министерот Филипче цела година ветува изградба на две катни гаражи од тоа се уште нема ништо. Со паркингот уште стопанисува Град Скопје, а состојбата станува се полоша.

„Ние вработените сме многу револтирани. Плаќаме по 800 денари месечно за паркинг, а нема каде да ги оставаме возилата. На средбата во јануари, министерот Филипче вети изградба на 2-3 катни гаражи и дека месечната сума за паркинг за вработените нема да биде повисока од 200 денари. изјави Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар.

Тендерот за монтажните катни гаражи беше распишан на 24 јули, а еден месец подоцна, поради како што велат административни проблеми, за сума од 4, 6 милиони денари беше распишан оглас за изработка на проектот. Едната катна гаража беше предвидено да се гради на местото каде што беше старата зграда на Гинекологија, а втората кај Инфективна клиника и беше планирано да располгаат со 1800 места. Но, тендерот пропадна бидејќи никој не се јавил на јавниот оглас.

Од Министерството за здравство потврдија дека се во фаза на поништување на постапката.

„На 2 август годинава, беше распишан Јавен оглас за доделување на договор за воспоставување на ЈПП за изградба на 2 монтажни гаражи, но до истекот на рокот за доставување на понуди, не пристигна ниту една понуда од економски оператор. Од тие причини Министерството за здравство, како договорен орган, е во фаза на поништување на постаката. И согласно законските рокови постапката ќе ја обновиме.  Тоа значи дека и понатаму Град Скопје е надлежен и стопанисува со паркингот во Клинички центар“посочуваат од МЗ

Во ваква ситуација и без да се преземат мерки, колку толку да се стави ред, хаосот со паркирање на возилата продолжува и секој ден изгледа се поневозможно да се влезе и да се паркира во кругот на Клиничкиот центар. Сета ова ова предизвикува уште поголем револт кај вработените и кај пациентите, а возилата на Итната медицинска помош не можат да се пробијат до клиниките.