И во Македонија ќе се забрани достапноста на многу лесни пластични кеси за транспорт на стоки, а по исклучок, се дозволува да се прават достапни на пазарот 100 отсто биоразградливи пластични или хартиени кеси за транспорт на стока без надомест. Но оние корисници и потрошувачи кои ќе инсистираат на пластична кеса за транспорт на стоки, ќе треба да ја платат, но не еден-два денари, туку 10 денари. Овие новини ги најавуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање, каде се интересиравме кога и во Македонија ќе се забранат за употреба пластичните кеси кои не се биоразградливи.

Во Белград оваа забрана почнува да важи од јануари в година. За илустрација, Грција до јуни 2020 година планира да ја повлече пластиката за еднократна употреба, една година пред предвидениот рок од ЕУ.

Застрашувачки се податоците за штетното влијание на пластиката. Периодот на биодеградација на пластично-картонска кутија е 5 години, а на пластични шишиња – никогаш! Секоја година околу 45.000 тони пластичен отпад се исфрла во океаните во целиот свет.

Додека во останатите земји во Европа и светот расте свеста за опасноста од употребата на пластиката, кај нас сѐ уште ретко кој граѓанин успеал да се преориентира и наместо пластична кеса, да носи платнена торба кога пазарува. Таму каде што кесите се наплатуваат, се купуваат минимален број кеси, додека во продавниците каде се делат бесплатно, дел од купувачите излегуваат и со по 4-5 кеси „за да им се најдат“. Од кесите и други пластични производи кои може да се рециклираат, индустријата произведува торби и други артикли кои се биоразградливи.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање ги појаснуваат новините во новиот закон за употреба на кеси, којшто сѐ уште не е усвоен.

– Согласно новиот предлог текст на законот (нагласуваме, сѐ уште е предлог текст и се чека на усвојување) се забранува правење достапни на пазарот на многу лесни пластични кеси за транспорт на стоки во Република Македонија. Се забранува правење достапни на пазарот пластични кеси за транспорт на стоки без наплата на надомест за крајните корисници. По исклучок се дозволува да се прават достапни на пазарот 100 отсто биоразградливи пластични или хартиени кеси за транспорт на стока без надомест на крајните корисници, кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, со исклучок на оксо-биоразградливи и оксо разградливи производи – велат од ресорното Министерство.

Надлежните додаваат и кои кеси во иднина ќе се наплатуваат и како трговците ќе водат евиденција за продадените кеси:

– Цената која треба да ја платат крајните корисници и потрошувачи за пластична кеса за транспорт на стоки изнесува 10 денари од парче и се плаќа на трговецот на мало на местото на продажба. Трговецот на мало е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место, да води евиденција за бројот на продадени кеси кои се продаваат на продажно место и да ја пренесуваат вкупната сума добиена од продадените кеси. Продажбата на квартална основа треба да ја пренесуваат на посебна сметка на име на државниот орган на државната управа, надлежен за вршење на работите од областа на животната средина отворена за таа намена – објаснуваат од Министерството.