За новогодишните и божиќните празници се врзани голем број митови, па проверете кои се вистинити, а кои не. Еве од кои работи треба да се пазите, а кои не треба да ве загрижуваат.

Дебелеење

Точно. Многу луѓе качуваат по некој килограм за време на празниците. Но, тоа не е толку многу како што најчесто се мисли. Едно ново истражување покажало дека во текот на овој период, качуваме нешто помалку од килограм, но дури и ако не се менува бројката на килограми на вагата, се зголемува процентот на масно ткиво во телото. Значи, внимавајте што јадете во текот на празниците, но не очајувајте премногу заради јадењето доцна навечер.

Повеќе истражувања покажале дека јадењето во доцните часови не е директно поврзано со зголемениот број килограми. Меѓутоа ако јадете повеќе од три пати дневно или го прескокнувате појадокот, тоа може да доведе до зголемување на тежината.

Расте бројот на самоубиства

Неточно. Стапката на самоубиства во декември е најниска во однос на останатите месеци во годината, според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција од болести.

„Луѓето всушност имаат поголема емоционална и социјална поддршка во овој период од годината, а намален е и бројот на посети на психијатар. Повеќе самоубиства има за време на летните месеци.“ – вели докторката Рејчел Вримен.

Зголемена е опасноста од пожари

Точно. Ова особено се однесува на оние луѓе кои со сијалички го украсуваат надворешниот дел од домот или некои високи дрва во дворот. Доколку го правите ова морате да бидете максимално внимателни. Пожарите се најзастапени за време на месец декември, а најчест предизвикувач се неисправните сијалички и свеќите околу дрвата. Затоа проверете дали ги имате изгасено сите пред да си легнете.

Мамурлакот може да се излечи

Неточно. Досега се појавиле безброј трикови кои можат да ви помогнат да се ослободите од мамурлакот, меѓутоа сите тие се неточни. Мамурлакот можете да го избегнете само ако не испиете преголема количина на алкохол.

Сепак, постојат некои аминокиселини кои се наоѓаат во јајцата и кои можат да му помогнат на телото да ги исфрли токсините кои доаѓаат од алкохолот, но нема сигурна гаранција дека тоа ќе ви помогне да се чувствувате подобро.

Зголемен ризик од срцев удар

Точно. Срцевите удари се почести во зимно време отколку во лето, делумно затоа што ладното време може да го зголеми крвниот притисок. Најмногу треба да се пази во периодот околу Нова година, бидејќи при крајот на јануари и почетокот на февруари, опасноста се намалува.

Така, доколку имате проблеми со срцето, внимавајте на правилната исхрана, вежбајте, спијте доволно и избегнувајте стрес. Опасност претставува и храната со висок процент на масти и сол.