ЗОО Скопје се приклучува во хуманитарната акција за собирање на парична помош за малата Симона од Штип, на која и е потребно скапо лекување на клиника во Загреб. Во недела ќе бидат поставени кутии за донации, а посетителите ќе ги забавуваат разни маскоти, ќе има магионичарско шоу и други активности.

-Четиригодишната Симона Хаџи-Тошев, за жал боледува од акутна нелимфобластна лекумија. Деновиве се собрани над 30.000 евра, а малата Симона со родителите веќе се во Загреб. Потребно е да соберат 140 000 евра за лекувањето. Зоолошка градина Скопје се приклучува во хуманитарната акција и ги повикува сите посетители да донираат за Симона во недела.

Од 09:00- 18:00 ќе бидат поставени кутии за донации, а во меѓувреме ќе може да се дружите и фотографирате со омилените Дизни маскоти, да гледате бесплатно магионичарско шоу и многу други содржини преку кои ќе помогнеме да се соберат средства за малата Симона. Да бидеме хумани, да спасиме еден млад живот. За среќно детство на Симона – апелираат од Зоолошка градина Скопје.

Ова не е прв пат зоолошката градина да се вклучи во хуманитарни акции за помош на лица на кои им е потребно скапо лекување. Во изминатата година во повеќе наврати се поставуваа кутиите за донации, со цел да се помогне во собирањето на високите суми.