Инцидент во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле го вклучи алармот на Народниот правобранител, откако во тепачка две од нив останале со раскрвавени глави. Тим на народниот правобранител изврши вонреден надзор во Установата по добиена пријава за инцидент кој се случил на 22 месецов. При надзорот се утврдени катастрофални услови и целосна негрижа за штитениците кои се згрижени во оваа установа, велат од канцеларијата на Народниот правобранител, пишува ФОКУС.

Инцидентот се случил вечерта на 22-ри кога штитениците требало да се подготвуваат за спиење. На смена во Установата, каде во интернатско сместување се згрижени 28 деца, биле само еден инструктор и една негувателка. Според извештајот на народниот правобранител во еден момент ниту еден од нив не бил меѓу штитениците и тогаш се случил нападот. Едно од децата, кои биле на возраст помеѓу 11 и 14 години, почнало да ги напаѓа другите. Две од нападнатите завршиле со раскрвавени глави.

Негувателката се наоѓала во амбулантата каде ја подготвувала терапијата кога едно од децата се појавило пред неа облеано во крв.

-Извршивме увид во рапортната книга. Таму стои дека откако се појавило едно од повредените деца, негувателката не интервенирала веднаш, туку побрзала да ја заврши својата работа. Но во меѓувреме уште едно дете облеано со крв и во солзи се појавило пред неа. Значи две деца на кои, како што пишува, лицата не им се гледале од крв – вели заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа.

Инструкторот и негувателката интервенирале додека штитеникот го напаѓал третото детенце.

-Бил видно агресивен, гребел по лицето трето девојче и го касал кога се појавиле во просторијата. Пред да го совладаат агресијата ја насочил кон нив, фрлал со предмети и столици – вели Бајрамовска-Мустафа.

Момчето било спречено и смирено, но инцидентот останал непријавен. Инструкторот не извршил ни внес на случајот во рапортната книга, затоа што, според неговата изјава, бил потресен од ситуацијата.

Од канцеларијата на Народниот правобранител прашуваат како може ваков случај да остане непријавен кај надлежните институции. За случајот тие дознале неколку дена подоцна, а вонредниот надзор го извршиле на 28-ми месецов кога утврдиле дека дечињата згрижени ова оваа Установа се оставени во целосна негрижа.

-Шест дена никој не дознал за тоа што се случило. Станува збор за деца со попреченост. При надзорот констатиравме негрижа од страна на Установата кон децата. На овие деца им треба постојан надзор со оглед на нивната состојба, бидејќи се работи за деца со попреченост и без родителска грижа. Државата е должна да се грижи за нив и да ги заштити, да ги преземе сите мерки во нивен интерес. Се работи за агресивни деца кои се самоповредуваат и овој случај го покажува несериозниот однос на институциите кон нив – посочува Бајрамовска-Мустафа.

Целата вест на ФОКУС