За 15 отсто зголемени бодовите за матичните лекари, растат и платите, здравството е на прав пат, оцени денеска на прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека 1 октомври вредноста на капитациониот бод на сите матични лекари се зголемува за 8 денари. Тоа значи дека сите коишто работат во примарното здравтсво, сите матични лекари – општи доктори како што се специјалистите по општа медицина, специјалистите по семејна медицина, педијатри, гинеколози, како и специјалистите стоматолози, орална хирургија и ортодонција, но и сите лекари коишто работат и имаат договор за специјалистичко -консултативни дејности со ФЗОМ ќе го добијат ова зголемување.

„Тоа изнесува помеѓу 15 и 20 проценти зголемување согласно вредноста на капитациониот бод и разликата којашто досега ја имаа матичните лекари од медицината и стоматологијата. Сите овие матични лекари би значело дека за 1000 пациенти ќе добијат околу 8000 денари повеќе, а за 2000 пациенти, 16000 денари повеќе средства, со што веруваме дека значајно ќе се олесни нивната работа и нивното функционирање, а ќе бидат и стимулирани дополнително да вработат медицинска сестра којашто од сега ќе има можност да работи и на скратено работно време, но и да вработи административен работник се со цел докторите се повеќе да бидат посветени на нивните пациенти“, рече министерот.

Тој оцени дека ова е само еден дел од значајната реформа која се имплементира во секторот на примарното здравство.

„Тоа започна со укинување на квотите на лековите во сите аптеки и оваа мерка одлично се имплементира, а задоволството кај граѓаните е големо за оваа мерка, поради тоа што во било кое ден од месецот сега може да се дојде до посакуваниот лек со рецепт.

Согласно протоколите коишто ќе ги имплементираме од најразвиените европски земји на нашите граѓани ќе им бидат достапни услуги за рано откривање на карцином на простата, дојка, проблеми со тироидеата, остеопорозата, евентуално откривање на обезност кај децата и многу полесно следење на хроничните болести.

Матичните лекари за прв пат ќе имаат можност да препишат лек за којшто пациентите до сега беа упатувани на Клиника а што резултираше со долго чекање и гужви по амбулантите. На овој начин хроничните болести како астма, опструктивна болест, понатаму, дијабет, хронични срцеви заболувања, многу полесно ќе бидат третирани кај матичните лекари, односно ќе одат пациентите само кај својот матичен лекар, ќе можат да добијат рецепт, да бидат прегледани, и да не закажуваат термини и да чекаат долго време по болниците.

Во континуитет ги зголемуваме финансиите со цел да се зголемат примањата на сите здравствени работници после платите на приватните специјализанти, понатаму зголемувањето на дежурствата, зголемувањето на платите на сите во здравството за 5% минатата година, оваа година, за 10% на специјалистите, 5% на сестрите, 8% на сестрите во Клиничкиот Центар на болничарите, здравствените соработници и административците сега од Септември, близу милијарда денари се вложени во примањата на сите коишто работат во нашиот здравствен систем.

Сега работиме на проекцијата за следната година, со цел да се оствари ветувањето за да еден лекар специјалист има примања од 100.000 денари во нето износ. Ова е една од мерките којашто веруваме дека ќе ги стимулира здравствените работници да што по посветено работат, да пружаат и понатаму квалитетна здравствена услуга и истата да се надградува, а ние продолжуваме и со надградување на капацитетите, на инфраструктурата. После реновирањето на близу десетина одделенија во следниот период ќе се реновираат и ќе се надградат стандардите на триесетина други ширум државата согласно потребите, а во соработка со асоцијациите, стручните здруженија, понатаму здруженијата на пациенти, ги надградуваме и сите програми во рамките на Министерството за здравство, се со цел да обезбедиме што поквалитетна здравствена заштита, што послесен пристап до потребната терапија, и секако што позадоволни здравствени работници“, изјави Филипче на прес-конференцијата.