Само двајца специјалисти педијатри работат на детското, но и на неонаталошкото одделение во Струмичката општа болница. Освен што прегледуваат и во дневна амбуланта, се грижат за хоспитализираните дечиња и слегуваат два спрата подолу, на акушерското одделение каде што годишно се раѓаат и до 1.400 бебиња. Нив им помагаат уште двајца општи лекари без кои одделението ќе биде со клуч на врата. На оваа тема зборуваат со тешка воздишка.

„Моментално сме двајца педијатри, и тоа ни е многу тешко. Од 31 ден, триесет дена двајцата дежураме по 14 дена тука. Ги згрижуваме и сите новородени, а годишно имаме по 1.400 новородени. Педијатар неонаталог фактички, се исто е тоа, само пет шест месеци одат повеќе на едукација. Ние тоа сме го минувале за време на специјализацијата и веќе доста сме искусни и што да правиме. Во секој момент не знаеме дали тука ќе заглавиме, дали долу ќе заглавиме“, вели д-р Никола Џорлев, специјалист педијатар.

И другите одделенија во болицата „кубурат“ со специјалисти. Неврологија работи само со еден, ренгенологија ја покриваат лекари пред пензија, исто и интерното, а за сите сите оперативни интервенции во болницата има само двајца анестзиолози. Од раководството на болницата велат дека се свесни за дефицитот со лекарите.

„Колегите кои веќе го исполнуваат работниот век, до 2023 година се 23ца. Значи ние, со простата репродукција на специјалисти, нема да можеме да ги покриеме докторите кои ќе одат во пензија. Треба да се примат доктори и да се пуштат на специјализација кои со тек на време би ги поминале годините на специјализација и би овозможиле со нивна понатамошна работа да ги покријат потребите на пациентите во нашата болница“, вели директорот на ЈЗУ Општа болница – Струмица, д-р Наќе Гогов.

Дваесетина лекари од струмичката болница низ годините се пратени на специјализација. Меѓутоа прашање е кога и колку од нив ќе ги завршат овие студии со оглед на информациите дека некои се откажале.

Кон струмичката болница гравитираат 200 илјади пациенти. Овој комплекс е главниот медицински центар кој ги опслужува не само струмичани, туку и жителите на целиот Југо-исток. Од неговата добра екипираност и добра професионалност зависи и здравјето на Југо-истокот.

 Алармот го подигна и Здружението на интернисти на РМ кои укажуваат дека состојбата со специјалисти станува загрижувачка особено во источниот регион. Ако се следи просекот на возраста од југоистокот, без интернисти ќе останат Радовиш, Валандово и Богданци. Што и како мисли да го реши овој проблем министерот филипче, дали некој во министерството размислува на овие луѓе?